Бидејќи СЗО се подготвува за нова истрага за потеклото на коронавирусот, се повеќе научници сметаат дека телото на Обединетите нации не треба да ја спроведува истрагата.
Имено, бројни експерти, од кои многумина се поврзани со Светската здравствена организација, сметаат дека политичките тензии меѓу САД и Кина ја прават таа истрага невозможна и дека одговорите до кои ќе дојдат не би биле веродостојни.
Тие сметаат дека, наместо истрага водена од СЗО, треба да се создаде меѓународен тим што ќе направи независна анализа, нешто како тимот што ја истражуваше нуклеарната катастрофа во Чернобил од 1986 година, пишува агенцијата АП.
Првата истрага, предводена од СЗО и кинески тимови, заклучи во март дека вирусот што ја предизвикал пандемијата најверојатно „скокнал“ од животни на луѓе и дека е малку веројатна варијантата дека коронавирусот излегол од лабораторија во Вухан.
Следната фаза од истрагата, како што беше претходно најавено, треба да се фокусира на првите случаи на коронавирус кај луѓето, но исто така и на лилјаците од кои се смета дека вирусот е пренесен на човечката популација.
Сепак, сега повторно се појави идејата за „бегство“ на вирусот од лабораторијата во Вухан, и ја поттикна никој друг, освен американскиот претседател Џо Бајден, кога им нареди на американските тајни служби да ја испитаат и таа можност.
Претходно овој месец, шефот за итни случаи на СЗО, д-р Мајкл Рајан изјави дека СЗО интензивно се подготвува за следната фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот, но АП посочува дека тие немаат моќ да ја принудат Кина да соработува.
Затоа многумина веруваат дека новата истрага е осудена на пропаст. Некои од нив дури работат во СЗО и велат дека голем број меѓународни акти ќе треба да се променат за да му се даде на тој светски здравствен орган моќ да и нареди нешто на Кина.
Се потсетува дека властите во Пекинг дури и го отежнуваа самото издавањето дозволи на тимот на СЗО за влез во Кина воопшто.
Ричард Ебрајт, молекуларен биолог од универзитетот Рутџерс, целата истрага на СЗО ја нарече фарса и посочи дека прашањето дали вирусот излегол од лабораторија или бил пренесен од животни на луѓе, веќе долго време престанува да претставува научно прашање.