Го грабна вниманието на јавноста уште пред да запее на Евровизија. Пејачката Андреа Коевска остана главна тема откако вторпат се извини за пропустот. Непромислена и брза ја нарече својата одлука да се ослободи од националниот симбол – знамето на Македонија, за фотографирање пред бројните фотоапарати, на отворањето на неколкудневниот музички фестивал. Но, бурните реакции на гневната јавност не престанаа. На социјалните мрежи зборови не се бираа и останаа повиците Андреа да биде повлечена од манифестацијата.
„Делегацијата беше навистина далеку од мене и јас одлучив во момент да го фрлам знамето. Тоа не беше од омраза, затоа што јас сум горда што доаѓам од Македонија и затоа ми е бесмислено што се случува ова“, изјави Андреа Коевска.
Сето ова уште веднаш резултираше со став и на Македонската радио телевизија. Јавниот сервис го нарече скандалозно однесувањето на пејачката. Најавија и можност за нејзино повлекување од Евровизија иако, велат, водат сметка да не се предизвика голема штета по МРТ. Во меѓувреме, се огласија дури и од Јавното обвинителство.
„До овој момент нема индиции дека во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување“, велат од обвинителството.
За социологот Ѓорѓи Тоновски, гневот и реакциите во јавноста се само слика на општата клима во државата. Тоа што во јавноста се коментира дека евровизиската делегација направила пропуст, може и да не е така според Тоновски.
„Сигурно тие ни на крај памет не помислиле дека таа не мора со знамето да биде фотографирана и второ, дека додавањето на знамето би се третирало како некаков душмански чин на девојчето спрема сопствената држава“, изјави Ѓорѓи Тоновски, пррофесор по социологија
Професорот повикува да не се користат ваквите ситуации за да се исполитизира сè што е возможно. Особено што сведоци сме биле и на многу пострашни настани во минатото.
„Уште повеќе иритира фактот што некои го кинеле тоа знаме, некои го газеле, некои го палеле, некаде не се ни појавува тоа државно знаме туку се појавува некое знаме од Вергина, од некое сонце и тоа никој не го коментира така злобно како што се коментираше овој потег на девојчето коешто едноставно не се снајде во дадена ситуација бидејќи фоторепортерите немаат време да ја чекаат нејзе таа да трча таму да го остава знамето па да се враќа за да ја фотографираат“, додава Тоновски.
Кривичниот законик предвидува казни ако надлежните органи утврдат дека националните симболи се изложени на потсмев од некого. Последната казна била кога едно лице движејќи се по улица во Гевгелија, употребувајќи физичка сила го фатило македонското знаме и го искинало на повеќе парчиња. Тогаш, првостепениот суд на обвинетиот му изрекол прекршочна казна во износ од 1200 евра, за потоа првостепената пресуда да биде преиначена во казна од 100 евра. Во друг случај, националното знаме на Бугарија, пак, кое беше запалено на вевчански карневал резултираше со повисоки казни, од 250 и 200 евра за обвинетите.