Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден во моментов не планира посета на Украина, и покрај апелот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, но планира да одржи состанок со сојузниците за да разговара за украинската криза, соопшти во понеделникот Белата куќа.
„Нема такви планови“, кажа портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. Владата во САД во моментот се концентрира на испраќање воена опрема во Украина.
Според информациите, доколку член на американската влада отпатува во Украина, тоа ќе биде јавно објавено од безбедносни причини само по пристигнувањето.
Зеленски го покани Бајден да ја посети Украина за да добие идеја од прва рака за ситуацијата таму речиси два месеци по почетокот на конфликтот.
„Мислам дека тој е лидер на САД и затоа треба да дојде овде да види“, кажа Зеленскиво неделното интервју за CNN.
Вашингтон, наводно, размислувал да го испрати министерот за одбрана Лојд Остин или државниот секретар Ентони Блинкен во посета на Украина, што во тој случај ќе ја направи мала веројатноста самиот Бајденда отпатува во земјата во блиска иднина.
Сепак, американскиот претседател планира во вторник да разговара за украинската криза со сојузниците.
Претседателот ќе свика обезбеден видео повик со сојузниците и партнерите за да разговара за континуираната поддршка за Украина и напорите да се запре Русија, соопшти Белата куќа.