Здравко Чолиќ, еден од најпопуларните музичари на просторот на поранешна Југославија, бил „вмешан“ во парламентарните избори во Бугарија.
Како што пренесуваат српските медиуми, обработката на неговиот познат хит „Пусти моду“ се нашла на предизборната кампања како неслужбена химна на опозициската партија „Постои таков народ“ која на крајот освоила најмногу гласови.
Авторите на оригиналната песна се Горан Бреговиќ и Корнелие Ковач, а бугарската верзија со различен текст ја отпеале музичарот и политичар Слави Трифонов и „Ку-ку бенд“.
Песната постојано во текот на кампањата била слушана, а текстот наместо обраќање кон девојка која изгледа како „кукла од Трст“ во бугарската верзија е наменет за стегата меѓу криминалот и политиката во Бугарија.
Станислав Трифонов познат и како Слави Трифонов е бугарски пејач и ТВ водител чија партија „Има такво народ“ ја однесе победата на парламентарните избори во Бугарија.
Овој човек беше во центар на внимание кога на минатите парламентарни избори го освои второто место, а оттогаш неговата популарност почна да расте.
Светските медиуми веќе пишуваат за неговите идни планови за формирање на влада, а тоа што многумина ги изненади е фактот што тој веројатно нема да биде премиер.
На изборите одржани во неделата на 11 јули, неговата партија освоила 24,8 отсто од гласовите и успеала да ја победи партијата ГЕРБ на поранешниот премиер на Република Бугарија Бојко Борисов која освоила 23,51 отсто од гласовите.
Овој резултат претставува првиот пресврт на избори во земја во која дури 10 години доминираше Борисов.