За првпат во историјата: На човек му било пресадено срце од генетски модифицирана свиња, 57-годишниот пациент успешно закрепнува

Лекарите од Медицинскиот факултет на Универзитетот Мериленд во петокот за првпат во историјата направиле трансплантација на срце од генетски модифицирана свиња на човек.

Станува збор за прва успешна трансплантација на свинско срце на човечко суштество. Пациентот Дејвид Бенет (57) од Мериленд утрово бил стабилен.

Google search engine

„Срцето има пулс, тоа создава притисок, тоа е неговото срце“, вели д-р Бартли Грифит кој ја водел операцијата.

„Работи и изгледа нормално. Воодушевени сме, но не знаеме што нè чека подоцна. Вакво нешто досега никој не направил“, додал тој.

На светот хронично му недостасуваат некои клучни органи за трансплантација. Минатата година, околу 3.817 Американци имале трансплантација на срце, повеќе од кога било досега. Но, побарувачката е сè уште поголема отколку што има донирани органи. Секој ден во САД умираат десетина луѓе, чекајќи замена на органи.

Д-р Дејвид Класен, главен медицински службеник на Мрежата за донирање органи, вели дека оваа операција е голем чекор напред во процесот на трансплантација.

Класен додал дека ќе помине извесно време пред ваквата постапка да може да се применува ширум светот, истакнувајќи дека отфрлањето на органи може да се случи дури и кога ќе се трансплантира компатибилен бубрег од човечки донор.

Сѐ уште не е познато каква иднина го чека Бенет. Засега е поврзан со апаратот што го одржувал во живот пред операцијата, но тоа не е невообичаено за примател на ново срце. Лекарите дури велат дека тој би можело да биде исклучен од апаратот во вторник.

Имено, медицинскиот персонал внимателно следи дали има знаци дека неговото тело го отфрла новиот орган, а првите 48 часа кои се критични поминале без инциденти, пишува „New York Times“.

„Можев да бирам помеѓу смрт и оваа трансплантација. А јас сакам да живеам. Знам дека е мала веројатноста дека сè ќе помине добро, но тоа беше мојот единствен избор“, изјавил Бенет пред операцијата.

Бенет добил срце од генетски модифицирана свиња која претрпела 10 модификации. Научниците деактивирале 4 гени, вклучително и оној кој кодира молекула која предизвикува отфрлање на органите.

Тие, исто така, го деактивирале генот за раст за да спречат срцето на свињата да продолжи да расте по трансплантацијата.

Експертите исто така вметнале и 6 човечки гени во геномот на свињата за да олеснат имунолошкиот систем на Бенет да го прифати органот.

Кога Бенет првпат му кажал на својот син Дејвид Бенет за трансплантацијата, тој бил збунет.

„На почетокот не му верував. Беше во болница еден месец или повеќе и мислев дека можеби халуцинира. Мислев дека такво нешто воопшто не е возможно“, рекол неговиот син.

- АУДИО РЕКЛАМА -