За овој „Volkswagen“ веројатно никогаш не сте чуле – наликува на Лего играчка

Автомобилската историја е исполнета со заборавени возила и модели оставени покрај патот во сенка на светски познатите автомобили.

Во некои делови на светот во 70-те години на минатиот век постоел „Volkswagen“ за кој можеби никогаш претходно не сте чуле.

Google search engine

Станува збор за камион „Basis-Transporter“, возило со крајно едноставен дизајн и механика чии главни карактеристики биле ценовната достапност и функционалноста. Со само 6200 направени примероци, ова е еден од најретките модели на „Volkswagen“ некогаш произведени, велат од компанијата од Волфсбург.

Автомобилот го пронашол својот дом во тогашните региони во развој како Мексико, Турција, Пакистан, Индија и многу други.

„VW Beetle“ веќе бил популарен во овие краеви на светот како достапен автомобил, па побарувачката на потрошувачите за спартански камион „Volkswagen“ се обидел да ја задоволи токму со „Basis-Transporter“.

Германскиот произведувач уште еднаш ја позајмил погонската единица од „бубата“, како што тоа го правел и во случај на некои други модели од тоа време. Станува збор за 1.6-литарски бензинец со воздушно ладење кој испорачувал само 50 коњски сили, а камионот можел да развие максимални 77 км/ч., додека носивоста изнесувала 1000 килограми.

Поради малиот број изработени примероци, денес ова возило е „редок ѕвер“, но неговата улога во развојот на сиромашните земји со слаба патна инфраструктура останала забележана во историјата.