За 15 минути ги сними парите и златото, таа е Мата Хари

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” изјави дека фотографиите направени од неговата спална соба, каде се гледаат пари, злато и пиштол биле направени од жена.

Реклама

„Фотографијата е направена во вилата во која живеам. Јас сум разведен и долго време живеам сам. Дали имам љубовен живот? Секако дека имам. Јас сум човек со човечки потреби“, рече Борисов.

Борисов сепак во интервјуто вели дека непромислено било тоа што со години кога му доаѓала на посета некоја жена, чуварите не ја претресувале нејзината ташна.

„Така моите непријатели ги прошверцуваа златото и парите во мојата куќа. Ме фотографираа додека спиев, а во друг момент го фотографираа мојот шкаф со парите и златото“, вели Борисов.

Тој изјави дека жената која го посетувала ги шверцувала златото и парите откако чуварите ја пуштиле во куќата, а тој дошол 15 минути подоцна бидејќи имал интервју.

„Таа знае дека има 15 минути непопречена во куќата. Почнува да ги снима парите и златото и потоа се враќа во мојата спална соба. Како Мата Хари“, рече Борисов.

Бугарскиот премиер во интервјуто рече дека е успешен политичар, но неговиот приватен живот е неуспешен и поради тоа веќе не сака да види жена.

Реклама