„Volkswagen“ и „Volvo“ ја стопираат продажбата на автомобили во Русија

„Volvo“ е првиот произведувач на автомобили кој одлучил да ги стопира испораките на рускиот пазар, во контекст на санкциите против Русија поради нападот на Украина.

Слична одлука донесе и „Volkswagen“ кој најави дека нема да им испраќа нови автомобили на своите трговци во Русија.

Google search engine

„Volvo“ донесе одлука за стопирање на испораката на автомобили поради „потенцијалните ризици поврзани со трговијата на суровини со Русија, вклучувајќи ги санкциите кои ги воведоа ЕУ и САД“.

„Volvo Cars одреден период нема да испорачува автомобили на рускиот пазар“, се наведува во соопштението.

„Volvo“ на рускиот пазар извезува возила кои се произведени во фабриките во матичната Шведска, како и во Кина и САД. Шведскиот произведувач на камиони „AB Volvo“ во понеделникот објави дека го стопира производството и продажбата во Русија поради кризата во Украина.

Што се однесува до „Volkswagen“, челниците на германската компанија исто така донесоа одлука да ја стопираат испораката на нови автомобили во Русија, па дури и оние кои се веќе таму да не се испраќаат во продажните салони.

Минатата недела, одлука за привремено стопирање на производството во Русија донесе и „Renault“.