Водачот на тимот на СЗО по враќањето од Вухан: Имаме нови докази

Научникoт кој ја водеше мисијата на СЗО со цел да се утврди потеклото на коронавирусот во Вухан, ги откри првите докази дека вирусот широко циркулирал пред официјален Пекинг да признае за тоа.

Питер Ембарек и неговиот тим откриле дека во декември минатата година во Вухан имало најмалку 13 видови на коронавирус, што укажува на тоа дека вирусот веќе некое време бил меѓу човечката популација и со тоа мутирал, пишува „Блиц“.

Google search engine

Откриле и дека околу 1.000 луѓе во Вухан можеби биле заразени уште на почетокот од декември 2019 година. Таа проценка ја базираат на кинески податоци кои покажуваат 174 тешки случаи на заболување.

Ембарек не сакаше да изнесе заклучок дека вирусот циркулирал во Кина пред декември, но професорот Едвард Холмс, вирусолог од Австралија, за Си-ен-ен изјави дека сите докази укажуваат на тоа дека вирусот веројатно циркулирал некое време пред декември.

Новите коментари на д-р Ембарек се значително различни од оние што ги даде минатата недела додека тимот сè уште беше во Кина, кога тој инсистираше на тоа дека нема докази за пренесување на вирусот, во Вухан или на друго место, пред декември 2019 година. Тој исто така ги повика научниците да престанат да ја истражуваат можноста дека вирусот „избегал од лабораторија“.

Критичарите, вклучително и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, го обвинија СЗО за поддршка на „кинеската пропаганда“ за потеклото на короната, а минатонеделните коментари на д-р Ембарек само додадоа масло на огнот.

Дури по враќањето во Европа, Ембарек откри дека неговиот тим имал пристап до картоните на само 92 пациенти од целата провинција Хубеи, датирани пред декември 2019 година, кои покажале можни докази за инфекција со коронавирус. Притоа имале можност 67 од нив да ги тестираат за антитела и сите резултати биле негативни.

Сепак, Ембарек вели дека треба да се направат повеќе тестови, бидејќи е можно антителата за корона кај тие пациенти да исчезнат пред да бидат тестирани повторно. Особено, тој ги повика властите во Пекинг да му дадат пристап на неговиот тим до 200.000 примероци крв од залихите во Вухан, кои потекнуваат од пред две години и сите да ги тестираат за антитела.

Примероците од крв даваат увид во тоа што имало во системот на пациентот во моментот на земање на крвта, вклучително и антитела.

- АУДИО РЕКЛАМА -