Во живо: Русите го слават Денот на победата, светот во исчекување на говорот на Путин

Русите денеска го слават Денот на победата, кој ќе биде одбележан со традиционална воена парада на Црвениот плоштад во Москва. Овогодинешната прослава доаѓа во екот на војната во Украина, а рускиот претседател Владимир Путин рече дека „како и во 1945 година, Русите ќе победат“.

„Денес нашите војници, како и нивните предци, рамо до рамо се борат да ја ослободат својата татковина од нацистичката нечистотија, убедени дека, како и во 1945 година, победата ќе биде наша. „Денес, наша заедничка должност е да го спречиме заживувањето на нацизмот, кој предизвика толку многу страдања на народите од различни земји“, рече Путин во вчерашната порака.

Google search engine

Путин додаде дека нацизмот денеска повторно воздивнува и дека нивна света должност е да ги спречат идеолошките наследници на поразените во „Големата патриотска војна“ да се одмаздат. Тој им посака „мирна и праведна иднина“ на сите жители на Украина, земјата во која го нареди нападот што започна на 24 февруари.

 

Се очекува рускиот претседател да одржи говор на Црвениот плоштад во Москва пред воената парада, во која ќе бидат вклучени воени трупи, тенкови, проектили и интерконтинентални балистички ракети.

Како што претходно објавија британските медиуми, на генералната проба за денешниот настан, меѓу толпа воени возила и опрема во центарот на Москва е забележана термонуклеарна ракета од типот РС-24 Јарс.

Станува збор за проектил тежок речиси 50 тони, кој може да носи до 10 боеви глави, пренесе Дневен аваз.

Западот подготвуваше инвазија на Русија, рече Путин на парадата во Москва

Рускиот претседател Владимир Путин, обраќајќи им се на војниците на Денот на победата во Москва, рече дека Западот се подготвувал да ја нападне Русија, додека Русија секогаш се борела за безбедноста на меѓународната заедница.

„Западот не сакаше да ја слуша Русија, имаше други планови“, рече Путин на парадата на Црвениот плоштад во Москва.

НАТО создаваше закана за нашите граници, додаде рускиот претседател.

„Неприфатлива закана се приближуваше до нашите граници“, кажа Путин, додавајќи дека Русија ја следела акумулацијата на оружје, особено од страна на НАТО.

„Западот подготвуваше инвазија на нашата земја, вклучувајќи го и Крим“, рече Путин, мислејќи на полуостровот во Украина што Русија го анектираше во 2014 година.

Тој тврди дека Русија направила се за да го спречи агресорот.

Путин нагласи дека специјалната воена операција, како што Русија ја нарекува инвазијата на Украина, е неопходна и навремена мерка и е единствената правилна одлука.

Спротивно на некои очекувања, Путин и денеска не го спомна зборот војна кога зборуваше за рускиот напад врз Украина.

Тој не спомена ниту генерална мобилизација, која некои ја очекуваа, но Кремљ претходно ја демантираше, нарекувајќи ја бесмислица.

Во говорот кој беше поблаг од очекуваното, рускиот претседател се осврна и на руските воени загуби, оддавајќи им почит со едноминутно молчење за загинатите војници.

Тој најави и помош за децата на загинатите војници во Украина.