Во Македонија почина досега најмладата медицинска сестра – жртва на коронавирусот

Унијата на ЗМСТАС (Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри) изрази жалење за прерано згаснатиот живот на 40-годишната сестра Ирена Дојчиновска Милошевска од Геронтолошкиот завод „13ти Ноември“ во Скопје.

Тие ја опишуваат Милошевска како голем борец и хуманитарец во и вон своите работни обврски.

Google search engine

„Унијата на ЗМСТАС ќе ја памети како некој кој несебично се даваше во сите активности поврзани во нашата борба за сестринските права, ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател. Изразуваме сочувство до семејството и најблиските. Нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден“, пишува во објавата на Фејсбук профилот на Унијата.

„Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во кој тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори вон своите можности“, велат од извршниот одбор на Унијата на ЗМСТАС.