Во Јужна Африка запленета голема количина на лажни вакцини против Ковид-19

Околу 2.400 дози на фалсификувани вакцини се запленети во Јужна Африка, а во Кина е разбиена мрежа на шверцери на вакцини, соопшти Интерпол, предупредувајќи дека ова е само врвот на ледениот брег.

„Јужноафриканските власти запленија стотици дози на фалсификувани вакцини против Ковид-19 по дојавата на Интерпол, со предупредување дека вакцините се омилена цел на криминалните мрежи“, додава меѓународната организација за полициска соработка со седиште во Лион.

Тројца кинески државјани и еден Замбиец се уапсени во акцијата, спроведена во Гермистон, во провинцијата Гаутенг, каде што е откриена и голема количина фалсификувани маски.

Интерпол исто така интервенирал и во Кина, каде полицијата открила мрежа за продажба на лажни вакцини против Ковид-19 и упаднала во производствен погон, приведувајќи 80 осомничени и запленувајќи над 3.000 дози лажни вакцини.

„Иако сме задоволни од овој исход, ова е само врвот на ледениот брег што се однесува до криминалот поврзан со вакцини против Ковид-19“, рече генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.

Интерпол повторно предупредува дека неовластените вакцини кои се продаваат онлајн или се рекламираат по интернет-страници за продажба не се легитимни или тестирани и можат да бидат погубни.