Се појави птичји грип во Македонија! Власта молчи наместо да ја информира јавноста и да преземе итни мерки, побара денеска опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во изјавата на Цветан Трипуновски се наведува дека Република Македонија за многу кратко време се соочува со уште една опака заразна болест, Птичји грип кај живината.
-Болеста е лабораториски потврдена во с. Злокуќани, Општина Карпош, но надлежните во Агенцијата за храна и ветеринарство се однесуваат како да се на колективен годишен одмор. Јавноста не е информирана, НЦКБ (Националниот центар за контрола на болеста) не може да се собере, а уште помалку да донесе сет на мерки, живинарските производни капацитети не се запознаени, а со тоа и не се ставени во состојба на зголемена претпазливост, наведе Трипуновски.
Тој постави прашање што треба да се случи во државата за да најповиканите понесат одговорност.
-Живинарството е под закана на големи загуби. Агонијата во сточарското производство продолжува. Р. Македонија час поскоро мора да се ослободи штетните политики со кои СДСМ 5 години по ред носат безидејност и ниска продуктивност во македонскиот аграр, рече тој.