Владата „без компас“ ја давала финансиската помош за справување со пандемијата!

Државниот завод за ревизија објави извештај за успешноста на преземените мерки и политики за поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД 19. Целта на ревизијата на успешност е да се процени дали е обезбедено ефикасно планирање на мерките за справување со последиците од пандемијата, односно дали креирањето на мерките се темели врз стратешки приоритети, извршени анализи, со учество на засегнатите страни и дефинирани мерливи индикатори за постапување.

Ревизорите утврдиле дека постои отсуство на сеопфатен, меѓусебно усогласен и интегриран начин на водење на евиденција за одобрената и реализирана финансиска поддршка во Владата, како и неусогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на мерките. На тој начин ревизорите констатирале дека се намалува транспарентноста и отчетноста на надлежните институции во трошењето на средствата и не создава услови за мерење на ефектите од истите. Во услови на отсуство на сеопфатни анализи за мерење на ефектите од мерките врз зачувување на поддржаните работни места постои ризик од намалена отчетност, оценување на успешноста на мерките за финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање на придонеси, како и врз можноста од преземање на мерки за подобрувања во услови на потреба од креирање на нови мерки за поддршка на вработувањето.

Google search engine

„Стекнавме разумно уверување дека креирањето на мерките е спроведено во отсуство на стратешко планирање со јасно дефинирани цели и индикатори за успешност. Отсуството на пишани анализи и проценки при креирање на мерките за поддршка на вработувањето во процесот на одлучување, утврдените слабости и недоречености во уредбите со законска сила и донесените закони во кои се уредени условите, начинот и постапката за доделување влијаат врз ефикасноста на спроведувањето, следењето на реализацијата на мерките и зачувувањето на работните места. Нецелосните податоци за бројот на работодавачи кои ја исполниле/не ја исполниле обврската за враќање на финансиската поддршка во  утврдените рокови и износ во Буџетот на РСМ има за ефект помалку вратени средства и остварување помали приходи во Буџетот на РСМ“, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Од „прочешлувањето“ на официјалните документи ревизорите утврдиле и дека постои ненавременост и мал опфат на спроведени теренски контроли од само 0,5% од доделениот износ на финансиска поддршка, потоа начинот на избор на работодавачи за контрола, како и недоволната кадровска екипираност на институциите создаваат ризик дел од работодавачите да ги искористиле средствата од финансиска поддршка без исполнување на предвидени услови со уредбите и законите. Утврдените недостатоци и постигнатите ефекти од мерките за финансиска поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено економската криза од Ковид-19 укажуваат дека е потребно подобрување на ефикасноста на надлежните институции во планирањето и спроведувањето на идните мерки за зачувувањето на работните места и намалување на економските последици од пандемијата.

Ревизорите најмногу се фокусирале на проверки на правната рамка и креирањето на мерки и политики за поддршка на вработувањето. Потоа, постапки на доделување и реализација на мерките за финансиската поддршка на вработувањето и професиите погодени од здравствено економската криза.

Официјалните податоци покажуваат дека за време на вонредната состојба Владата со законска сила донесе 250 уредби од кои 107 уредби се однесуваат на измени и дополнувања како одговор кон новонастанатите околности кои не постоеле или пак не биле земени предвид при изработката на основната уредба, што создава ризик дека носењето на одлуките и формулирањето на одредбите од Уредбите е вршено без сеопфатно планирање и анализи.

Веќе е добро познато дека за справување со последиците од кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, Владата  во периодот од 19.03.2020 до 20.04.2021 година има донесено шест пакети на економски мерки. Дел од мерките се фокусираат на поддршка на вработувањето преку субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати, како и мерки за поддршка на професиите погодени од здравствено економската криза, поддршка за спортистите, самостојните уметници и културни работници.

„Значајно е да истакнеме дека носењето на владините мерки за справување со пандемијата од Ковид-19 на годишно ниво е спроведено во услови на отсуство на среднорочно и долгорочно стратешко планирање на државно ниво, со утврдени цели, мерки и активности на надлежни институции за постапување и справување со последиците во услови на пандемија. Во процесот на носење на поединечните мерки утврдивме отсуство на пишани анализи за начинот на одлучување, утврдување на корисниците и висината на поддршка, дефинирање на условите и критериумите за доделување на финансиската поддршка на корисниците за мерките опфатени со ревизијата. Утврдивме слабости и недоречености во уредбите донесени за време на вонредна придонесите, финансиска поддршка за исплата на плати на работодавачите, финансиска поддршка на физичките лица кои вршат самостојна дејност во делот на: дефинирање на услови за доделување на поддршка за чие докажување на исполнетоста не е предвидено приложување на докази во моментот на поднесување на барањето за добивање на финансиска поддршка, следење на повратот на финансиските средства и нееднаков пристап кон работодавачите во случај на сторени прекршоци во различен временски период“, се наведува во извештајот

Дадените препораки од страна на ревизијата имаат цел да обезбедат правно уредување на вонредна состојба и донесување на стратешки документи за справување со последиците во услови на пандемија, планирањето и носењето на мерките да се темели на извршени анализи и дефинирани индикатори за мерење на успешноста на мерките, воспоставување на сеопфатна и комплетна евиденција за одобрената и исплатена финансиска поддршка по мерки и усогласен пристап за информирање по однос на реализацијата на истите, водење на евиденција за вратена финансиска поддршка по корисници и мерки, и преземање на мерки за наплата на средствата по основ на издадени решенија за враќање на финансиската подршка во буџетот. Од заклучоците кои произлегоа од истражувањата, ревизорите оцениле и дека потребно е да се спроведе ревизијата на успешност со цел преку дадени препораки оваа ревизија да обезбеди подобрување на процесот на креирање на политиките и мерките за поддршка на вработувањето и професиите во услови на вонредна и кризна состојба како и реализација, контрола, мониторинг и известување од страна на надлежните органи заради непречено справување со последиците.

Од извештајот може да се констатира дека, потребно е подобрување на ефикасноста на надлежните институции во планирањето и спроведувањето на идните мерки за зачувувањето на работните места и намалување на економските последици од пандемијата. Ревизорите им порачуваат на властите, при креирање на идни мерки за поддршка на вработувањето да дефинира услови и критериуми за кои ќе постои можност за докажување на исполнетоста на истите при аплицирање. На тој начин ќе се создаде обврска за задолжително приложување на докази по користењето на финансиската поддршка. Реализацијата на мерките и исплатата на корисниците во иднина ревизорите велат да се спроведува од страна на една надлежна институција за секоја поединечна со утврдување на надлежности за воспоставување на сеопфатна и комплетна евиденција со податоци за планирани средства и опфат на корисници, број на корисници на кои треба да им се исплати поддршката. Исто така, следење на реализацијата по корисници и мерки, соодветно известување и мерење на ефектите од истите. Што се однесува до враќањето на финансиската поддршка, да се определи надлежна институција која ќе води евиденција за износот на вратената финансиска поддршка по корисник и по мерка, како и за корисниците кои не извршиле враќање на финансиската поддршка.

ПретходнаНИНА ОД БЕЛГРАД Е ПОРНО ЅВЕЗДА ОД ЕПСКИ РАЗМЕРИ! Маж би освои ако го каже ОВА, а ја открива и омилената поза (ФОТО)
СледнаСЕ ОГЛАСИ МИСИЦАТА ДРАГАНА ЗА УБИСТВОТО НА ПАГ: Бев до мојот Горан кога умираше, МНОГУ ЛОШО СЕ ЧУВСТВУВАМ