Завршена е истрагата за падот на военото летало кое пред повеќе од еден месец се урна во Загреб.
Хрватските медиуми пренесуваат дека се докажало дека леталото било доградувано и дека во него имало бомба.
„Военото летало кое падна пред повеќе од еден месец било вооружено. Имало бомба – вградена наместо камери. До тие сознанија дојде истрагата“, потврди јавното обвинителство на Хрватска.

Дупката од која било извадено, одамна е затворена, а таму веќе се посадени стебла, пренесува „Блиц“.
„Јавното обвинителство на Хрватска во Загреб издаде наоди за спроведување на повеќе видови вештачења. Побарано беше и мислење од авио-технички експерти“, известиле тие.
На јавноста ќе ѝ бидат покажани деловите кои биле пронајдени и сè она што останало од бомбата.
Би требало да биде појасно дали навистина била наполнета со 40 килограми експлозив и што точно експлодирало. Исто така треба да биде прикажан и хемиско-физикалниот наод.

„Може да се утврдат траги од експлозив, но разликата е меѓу ракетното гориво и експлозивот и мора да има експерти за тоа. Се знае што е експлозив. Доколу таа бомба експлодираше како што тие тврдат, јас тврдам дека би нанела голема штета во 50-метарски круг, а кратерот би бил многу голем“, истакнал експертот за авионски несреќи, Јосип Милошевиќ.
Претходниот балистички наод не потврдил дека имало траги од експлозив на фрагментите кои биле вештачени од страна на Центарот Иван Вучетиќ.
Јосип Милошевиќ смета дека експертите секој од заклучоците мора да го поткрепат и со докази.

„Оној кој тврди дека имало некои модификации, мора многу добро да го познаваат тој тип на летала и да се видат нацртите за да може да се тврди дека нешто е изменето“, напоменал Милошевиќ.
