(Видео) Тупанчески призна дека не го платил чартер-летот ниту картите за ВИП-трибината, а за сместувањето уплатил по натпреварот

Министерот за правда Никола Тупанчески за „А1он“ призна дека не ја платил картата за чартер-летот и влезот на стадионот во Палермо.

Фактурата за аранжманот, односно сместувањето ја платил откако целата јавност го виде на трибините, односно по четири денови од одржувањето на натпреварот. И покрај ова признание, тој и натаму тврди дека не го прекршил Етичкиот кодекс во кој има ограничувања до која вредност може да се примаат подароци, но и под кои услови.

Google search engine

„Чартер-летот не е вклучен, воопшто не е вклучен, затоа што и да сакате да биде вклучен, тој не може да биде вклучен. Постои начин на организација на патувањето. Начинот или селекцијата на луѓето коишто патуваат треба да биде направен од страна на луѓето кои го организираат патувањето. Јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата. Дури морам да ви кажам дека и делот што е платен е платен на мое инсистирање бидејќи мислев дека така треба да биде“, вели Тупанчески за „А1он“.

 

На посочувањето дека ова значи дека не ја платил ниту ВИП-картата и ја добил како подарок, тој за „А1он“ рече: „Ајде уште еднаш, зборуваме за процедура што однапред е утврдена од страна на Фудбалската федерација. Тие имаат клуч на кој начин ги добиваат. Картата што ја имав добиено гласи на мое име и е 00 евра. Дали ме разбирате? И да сакате да платите, а за тоа има доказ, практично картата е без цена“.

Прашан која е цената на летот рече: „Тоа беше чартер-лет, организиран за сите гости на Фудбалската федерација“.

Од давачки за патувањето, платил аранжман на агенцијата „Гуливер“, исто како и обвинителката Фатиме Фетаи. Не ја покажа фактурата, ниту доказ за исплатата, но тврди дека ја платил на 28 март, односно кога изби аферата за него и се врати од Палермо.

„Фактурата е подмирена. Ја достави агенцијата што го организираше патувањето. Фактурата е подмирена во рокот кога е дадена за подмирување. Дадена е пред патувањето, подмирена е во рокот што е наведен во фактурата. Нека биде ексклузивно, доставена е на 24, а натпреварот беше на 25. Подмирена е на 28, а рокот е до наредниот четврток“, кажа Тупанчески за „А1он“.

На нашата констатација дека фактурата е платена откако изби аферата, Тупанчески наспроти првичното тврдење дека рокот за плаќање е до наредниот четврток, кажа дека имал рок од 7 дена. Тоа би значело дека фактурата требало ја плати до минатиот четврток, а не до идниот четврток.

„Не. Фактурата е доставена на 24 и има 7 дена за нејзино плаќање“. Кога одново му потенциравме дека фактурата е платена откако медиумите, како и јавноста, видоа на телевизија како навива од трибините, министерот вели: „Не, не. Таа ќе беше платена без оглед на медиумите. Претпоставувам дека знаете дека постои можност, односно агенциите кога го организираат патувањето даваат рок до кога треба да биде исплатата кон агенцијата“.

Тупанчески посочува дека детали за тоа колку пари и за кои услуги платил доставил и до Владата, која исто така врши проверки.

„Сите информации коишто треба да бидат доставени до институциите веќе се доставени. Ќе можете да видите, тоа ќе биде транспарентно. Нема никаков проблем, нема нешто што треба да се крие или да биде заткулисно. Веќе еднаш реков, мислам дека комуникацијата со новинарите треба да биде на поразлично ниво, апсолутно нема што да се крие, доставени се до институциите во моментот кога беа побарани, фактички беа доставени не истиот туку наредниот ден. Тоа е архивски евидентирано“, додава Тупанчески.

И покрај ова признание, дека не го платил летот, ниту картата, тој тврди дека не го прекршил Етичкиот кодекс.

„Во едно интервју, до сега второ или трето интервју каде го кажувам својот став, велам дека апсолутно ниту една одредба од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата не е повредена. Не се потрошени буџетски пари, нема обезбедување, не е употребено службено возило и не е злоупотребена патната исправа за добивање некакви привилегии. И уште нешто, ако сметате на членот 17, дека станува збор за подарок, донација и така натаму, сето тоа има уште една додавка и ќе мора да се биде коректен во толкувањето на нормата. Тоа треба да биде поврзано со вршењето на функцијата. Дали се разбираме? Тоа е целата одредба, подарокот, донацијата секогаш треба да биде поврзана со вршењето на функцијата. Така е целата одредба. Не е повредена ниту една норма. Актот што ја уредува оваа проблематика или оваа материја, како што пред малку споменав, е Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата. Ниту членот 17, ниту членот 19 ниту во еден дел од одредбата не се повредени. Тоа е личен став, знаете дека таа проблематика посебно ја следам“, рече Тупанчески.

Тој додаде дека е подготвен да се соочи со последиците кои би произлегле ако го прекршил Етичкиот кодекс.

„Мислам дека треба да се оди во таа насока, стојам зад она што сум го направил, меѓутоа личниот став е консеквентен, и натаму останува дека ниту една одредба не е повредена. Тука се институциите, се разбира дека секогаш сум соочен со последиците што би произлегле од евентуалната повреда на етичката норма. Околу транспарентноста, секогаш сум бил транспарентен кога станува збор како професор, меѓутоа дефинитивно ова е сосема нов статус и на некој начин подразбира малку поинаков однос кон новинарите. Апсолутно немам што да кријам, стојам за тоа што ви го кажав. Секогаш сте добредојдени за каква било изјава“, додаде тој.

- АУДИО РЕКЛАМА -