Младата велешанка која била претепана и силувана од страна на партнерот, со месеци чека ОЈО да покрене обвинение против насилникот.
Велешанката Моника Јовановска го раскажала целиот случај за „ТВ24“. Настанот се случил ноќта на 2 август на автопатот Скопје-Велес, на враќање од ресторан каде биле да разговараат, а Моника одбила да ја продолжи врската со него. Таа брутално била тепана со тупаници и клоци, силувана, па повторно тепана од 32-годишниот велешанец.
Истата ноќ, Моника во тешка состојба и во придружба на родителите го пријавила случајот во СВР Велес, по што биле направени записник и лекарски прегледи и била испратена на испитување и вештачење на Институтот за судска медицина. Јовановска вели дека случајот е заглавен во обвинителството – нема епилог, но таа нема ниту повратана информација до каде е истрагата и зошто трае толку долго.
Од обвинителството за „ТВ24“ велат дека се очекува да има решение, но не кажуваат кога тоа ќе се случи.
Во меѓувреме, осомничениот слободно се шета низ улиците на Велес, а тоа најмногу ја плаши младата велешанка. Јовановска апелира ваквите случаи да не станат маратонски зошто на тој начин се охрабруваат насилниците.
Девојката веќе со месеци прима терапија за физичките и психичките трауми кои ги има претрпено. Таа е жртва на двојна виктимизација, озборувања и дезинформации во средината која нема разбирање за траумите на жртвите на сексуално насилство. Најголема потпора наоѓа во семејството, мајката и таткото кои заедно со Моника се решени да ја водат оваа битка до крај.