По пријави од граѓани за зголемена бучава од гласна музика од угостителските објекти на територија на Општина Центар, Секторот за Инспекциски работи, во текот на минатата недела, организираше акција за мерење на бучава со овластена лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ Скопје, во раните утрински часови, информираат од општина Центар.
Акциите, како што појаснија биле спроведени на целата територија на општината, при што биле поминати клучните точки, односно локалите за кои што редовно има пријави од граѓани, конкретно во населените места Дебар маало, Буњаковец, Центар и Капиштец.
„Извршено е мерење на бучавата на 2 угостителски објекти: Мош и Интермецо.

По извршените мерења на бучава, овластената лабораторија за животна средина ги достави извештаите од мерењата, врз основа на кои се спроведени инспекциски постапки, со платен налог за глоба за сторен прекршок согласно Законот за заштита од бучава во животна средина.
Правните лица можат да платат половина од казната во рок од 8 дена. Доколку не ги платат казните во висина 13.000еур, овластениот инспектор ќе достави Барања за поведување прекршочна постапка пред Основен суд, Оддел за прекршоци“, се нагласува во информацијата од општината.

Општина Центар, велат од таму, постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава.
Општина Центар апелира до сите управители и сопственици на угостителски објекти во општината, да се придржуваат до постоечките правилници, да имаат обзир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали и да се придржуваат до Законот за заштита од бучава во животната средина.
Бучавата во „Интермецо“ е стар проблем за жителите на Капиштец: 11 пријави за шест месеци и две предупредувања од МВР
Кафулето „Интермецо“ ги мачи центарци во текот на целата година со гласната музика, покажуваат јавувањата во полиција. За шест месеци, од јануари до јуни годинава, до полицијата стигнале 11 пријави за бучава. Двапати било издадено предупредување до газдата на објектот, а девет пати жителите се откажувале од пријавите. Општина Центар досега во неколку наврати го затвора објектот по 30 дена, а бучавата е една од причините. Таков беше случајот пред три години. Но, проблемот останува, па сега повторно инспектори направија мерења и издадоа глоба од 13 илјади евра. Надлежните постојано добиваат поплаки поради гласната музика.
„Во периодот од 1.1.2023 до 17.6.2023 во Полициската станица Центар евидентираат 11 пријави за гласна музика во угостителскиот објект, при што за две од нив било издадено предупредување до сопственикот на објектот, а во девет случаи пријавителите се откажувале од пријвата“, велат од МВР за „Макфакс“.
Жителите на Капиштец пријавуваа бучава и пред еден и пол месец. Иако за нив гласно, полицијата не најде прекршувања. Бучава имало, но во дозволените граници.
„..Ве известуваме дека на 16.6.2023, околу 23.10 часот, било пријавено дека од угостителскиот објект се слушала гласна музика. Полициски службеници излегле на местото и во присуство на пријавителот било извршено мерење на јачината на бучавост и било констатирано дека нема елементи за нарушен јавен ред и мир, односно нивото на бучава било во дозволените граници“, рекоа тогаш од МВР за „Макфакс“.
„Макфакс“ стапи во контакт и со станари, кои сведочат дека Капиштец има проблем со однесувањето на угостителскиот објект. Меѓу другото, и поради ограничените паркинг-места, бидејќи кога ќе ги зафатат гостите на кафулето, за станарите не останува ништо.
„Не знаеме каде да се обратиме. Ние станарите во Капиштец немаме мир од ова што се случува. Гласна музика, автомобили паркирани на улица, вака е од среда до недела“, сведочи жител на Капиштец, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата на „Макфакс“.
Општина Центар, по поплаки од граѓани, организира акција за мерење бучава. „Интермецо“ и „Мош“ се казнети по 13 илјади евра. Тие продолжуваат со работа.