(Видео) Голема полициска акција во Куманово: Уапсени полицајци и цариници кои криумчареле дрога

Голема полициска акција претпладнево се одвива во населбата Диво Насеље во Куманово, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.

По повеќемесечни активности, денеска по насока Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, извршена е голема полициска акција во која учествувал и одделот за специјални полициски операции, со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје.

Реклама

 

Како што информираат од МВР, при тоа се приведени десет лица, на возраст од 35 до 54 години од кои петмина од Куманово, четворица од Скопје и едно од Тетово, меѓу кои и полициски службеници и петмина царински службеници.

Деветмина од нив се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, а тројца дека сториле и кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

При претрес кај едно од лицата бил пронајден и одземен кокаин.

„Во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои два полициски службеника, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на границата со Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната“, посочуваат од МВР.

Лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, а во координација со ОЈО за гонење на организиран криминал, по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Реклама