Урсула Фон Дер Лејен во војна со интернет гигантите? Станавте опасност за демократијата!

Одлуката за исклучување на поранешниот американски претседател Доналд Трамп од Твитер според шефицата на Европската комисија треба да се темели на демократијата, а не на одлука на некој менаџер од Силициумската долина.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен предупреди дека е потребно соочување со интернет гигантите кои на поранешниот американски претседател му помогнале во ширењето на разни теории на заговор и лажни вести.

Google search engine

„Краток е чекорот од теорија на заговор до смрт на полицаец“, алудираше на насилствата во Вашингтон на 6-ти јануари кога поддржувачите на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот.

„Олеснувањето кое многумина од нас го чувствуваат поради промената на администрацијата во Вашингтон не би требало да го замати фактот дека движењето на Трамп нема да исчезне. Повеќе од 70 милиони Американци гласаа за Трамп. Пред неколку дена стотици упаднаа во зградата на Капитол, во срцето на американската демократија. Тоа се случува кога говорот на омраза и лажните вести се шират како оган на дигиталните медиуми. Тие стануваат опасност за демократијата“, предупреди Фон Дер Лејен и ја повика Европската унија да не дозволува технолошките гиганти да останат без никаква контрола во својата моќ да ги обликуваат животите на луѓето.

Според шефицата на Европската комисија, движењето на Трамп останува и после неговото напуштање на Белата куќа. Тој своите поддржувачи ги мобилизирал токму преку социјалните мрежи и затоа треба да се реши проблемот со платформите кои се користат за ширење на омраза.

Искуствата од последните години според Лејен, покажале дека време е технолошките гиганти да се соочат со сопствената одговорност, да се наметнат „демократски ограничувања“ на одредена „неконтролирана политичка моќ“.

Европската комисија во декември минатата година предложи закон според кој говорот на омраза би се казнувал на интернет и надвор од него, така што интернет компаниите би сносиле одговорност за содржината која се објавува. Тоа би значело дека технолошките компании како Фејсбук и Твитер би биле казнувани со парични казни и до 6% од својот промет доколку не ги контролираат содржините кои што се објавуваат на нивните платформи.

И самата одлука на Твитер да го блокира профилот на Доналд Трамп на социјалната мрежа исто така ја нагласува потребата да се огранични моќта на интернет компаниите, смета поранешната министерка за одбрана на Германија.

„Без оглед на тоа колку можеби е исправно тоа што Твитер го блокираше профилот на Доналд Трамп пет минути по 12, така сериозно мешање во слободата на изразување треба да се темели на закони, а не на правила на компанијата. Треба да се темели на одлуката на политичарите и парламентите, а не на менаџерите од Силициумската долина“, порача Урсула Фон Дер Лејен.