Во обемниот извештај на УНЕСКО на 125 страници повторно детално се отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки, неостварени ветувања за подобрување. Конечниот извештај е критички, реален и неповолен, па така нема промени во препораката Охридскиот регион да остане на Листата загрозени светски природни и културни богатства. И во новиот извештај Охридскиот регион ги исполни критериумите да виде пак впишан на на таа листа.
Слабостите кои мониторинг мисијата на УНЕСКО ги нотира се однесуваат на односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство и на несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од светската организација.
Спротивно очекувањата и оптимистичките најави извештајот на УНЕСКО е целосно идентичен на нацрт-верзијата што на почетокот на годинава беше доставен до институциите.
Отстранување на дивопоставените објекти долж брегот на Охридското Езеро и во заштитеното подрачје на градот, целосна забрана за градба, усогласување на урбанистичките планови со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, заштита на старата градска архитектура, отстранување на урбаната опрема околу значајните знаменитости во градот и сончевите колектори од куќите во Стар Град, се само дел од забелешките нотирани во најновиот обемен Извештај на УНЕСКО. УНЕСКО бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот „Студенчишта“ со „Горица 1“ бидејќи оценката е дека се прекинале природните врски меѓу езерото и блатото со што бил загрозен живиот свет.
Листата светски вредности во опасност не значи и бришење на Охридскиот регион од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување на институциите.
„Овојпат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од најстарите езера на планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата“, велат од невладината организација Охрид СОС.
Според нив, за овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа.
„Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно го прозреа“, велат од Охрид СОС кои цитираат делови од извештајот во кој се посочува дека „како резулат на значителни проблеми со управувањето и слаба имплементација на законите, Светското наследство на Охридскиот регион е со висок степен на ранливост“.
„Сето тоа доведе до нессодветни интервенции, негативни ефекти врз градското планирање, предлози за проекти од големи размери што резултира во сериозно влошување на состојбата на урбаниот, руралниот и природниот пејзаж и клучните атрибути на исклучителната универзална вредност. со тоа, Светското наследство на Охридскиот регион ги исполни условите за впишување на Листата на светско наследство во опасност“, укажува УНЕСКО.
„Пред две години од Баку, властите, државни и локални, се пофалија дека го спасија светското наследство, но место тоа на терен само ги манифестираа(т) своите алчни коруптивни апетити за грабање и ништење. Ова скапо купено време го платија со плус две години деградација на Охридското Езеро, Галичица, брегот, живиот свет… Конечно, маските се симнати и можеме да го видиме вистинското лице на носителите на јавни функции“, децидни се од Охрид СОС.
УНЕСКО бара итно отстранување на објекти диво поставени на крајбрежјето и во Охрид и во Струга. Во Националниот парк „Галичица”, кој е и под заштита на УНЕСКО, евидентирани се 2.321 објекти за кои тече постапката за легализација. Во Охрид на 50 метри од брегот се евидентирани 414 дивоградби. Од 15-те илјади барања за легализација до општина Охрид доставени пред две години – 11.000 се семејни куќи, 420 згради и 28 хотели. Во Струга, пак, вкупниот број на поднесени барања за легализација е 10.639. Одбиени, некомплетни без елаборат се 4.470. Решени се 3.127 предмети. Во постапка се 3.038. Од тие 3.038, 65 објекти се на 50 метри од езерото. Од нив половината се одбиени.