Легендарниот дефанзивец на Динамо Киев и поранешен репрезентативец на Украина Владислав Вашчук е успешно евакуиран од Гостомел, град во близина на Киев каде се водат жестоки борби.
Според порталот Sport.ua, Вашчук и неговото семејство се криеле во подрумот цели 15 дена, надевајќи се дека ќе излезат од областа зафатена од војна. За среќа, го напуштија Гостомел, а Вашчук за украинските медиуми накратко опиша што се случува таму.
„Ги видов како бараат можност да ја преминат реката Ирпин. Сите мостови беа уништени и не можеа многу да возат бидејќи немаа доволно гориво“, раскажува Вашчук за настаните, откривајќи:
„Можам да ви кажам и дека само што влегоа во мојата куќа со блиндирано возило. Не знам што има во мојот дом. Ми кажаа, но искрено, сега не сакам да слушнам за тоа. Најважното нешто е тоа што моите деца отидоа со мене“, додава поранешниот украински репрезентативец.
Тоа се случи три дена откако Вашчук и неговото семејство беа евакуирани благодарение на воспоставениот хуманитарен коридор.
Во објава на Фејсбук, Вашчук открива дека во неговиот двор влегле два руски оклопни транспортери БТР.
“Не сакам да зборувам за руската армија, но сè е јасно долго време. Мило ми е што успеав да ги извлечам децата. Видете, тие не дојдоа овде да преговараат … Денеска јас имам само една желба, нашата армија да ја исчисти оваа нечистотија од нашата Украина. Да ги уништи оние кои влегоа во нашата земја само за да убиваат и ограбуваат. Нека биде слободна нашата земја. Ние ќе победиме“, додаде тој, истакнувајќи дека Фејсбук ја блокирал неговата оригинална објава, што подоцна мораше да ја промени.
Вашчук забележа 240 настапи за Динамо Киев, а во кариерата настапуваше и за Чорноморец Одеса, Спартак Москва, Волин Луцк и ПФК Лавов. Како репрезентативец на Украина забележа 63 настапи и постигна еден гол.