Учениците ќе вежбаат пилатес и јога, ќе можат да одберат албански како втор јазик

Албанскиот јазик да се најде на листата за изучување втор странски јазик за основците чиј јазик не е мајчин. Ова е предвидено во новиот наставен концепт кој Министерството за образование планира да го вметне во новата наставна програма.

Замислата е на учениците да им се даде избор помеѓу три странски јазици, покрај досегашните француски и германски. Како ќе се одвива наставата и колку наставници по албански јазик ќе бидат ангажирани од МОН засега не откриваат детали. Велат, рамката ќе се подготвува дополнително.

Реклама

Новитет е и воведувањето на часови по јога и пилатес како дел од интегрирањето на спортско рекреативните предмети – но дилемата е дали секаде ќе можат да се обезбедат соодветни услови за ваков вид настава.

Новата концепција за основно образование се уште е меѓу најактуелните теми во јавноста. Последни со реакција се јавија од Македонското географско друштво кои се изрично против спојувањето на историја и географија во еден предмет.

„Природата на предметот каде што физичките и социоекономските содржини причинско-последично се поврзуваат, испреплетуваат и надополнуваат за да се дефинираат состојбите, појавите и процесите, укажува на потреба од изучување на географијата како целина. Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците.“- Македонско географско друштво

МОН и денеска преку соопштение ги смирува страстите околу она што најмногу крена прашина – предметот историја. Дека нема укинување предмети, бришење содржини и отпуштања на наставниците денеска увери и премиерот Заев.

„Тој дел од дебатата каде што гледам дека се фаќаат засегнати наставници ќе ме извинат затоа што образованието постои заради учениците. Нашата намера не е да укинеме историја, географија, биологија, физика, не. Фузирањето значи ефикасност, намалување на наставни содржини кои што се вишок и не им се потребни се со конечна цел да добијат дополнително можност за општествено-социјални дејности во рамките на школскиот период од денот.“- Зоран Заев, претседател на Влада

За в среда е најавена детална презентација за новиот концепт. Од ресорното министерство посочија дека концептот ќе биде ставен на јавна дебата, каде засегнатите страни ќе можат да дадат свои критики и сугестии.

Реклама