Поранешниот премиер на Бугарија и лидер на партијата ГЕРБ Бојко Борисов вчера е приведен за време на голема полициска акција, јавува Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на информации од Министерството за внатрешни работи.
Наводно, на многу адреси се вршат претреси и заплени. Покрај Борисов, приведени се уште неколку функционери на ГЕРБ, поранешната владејачка партија.
Операцијата е поврзана со извештаите дека европските обвинители истражуваат повеќе од 120 случаи на злоупотреба на европските фондови во Бугарија, јави Танјуг.
Бугарската национална телевизија, повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи, објави дека се приведени поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешниот шеф на Комисијата за буџет Менда Стојанов и поранешниот шеф на владината прес-служба Севдалин Арнаудов.
Вршителот на должноста премиер на Бугарија Кирил Петков, истовремено со известувањата за апсењата, на социјалните мрежи остави порака дека „никој не е над законот“.
Извори на ГЕРБ за БНР изјавија дека Борисов не е приведен, но потврдија дека полицијата ја претресува неговата куќа. БНР јавува и дека МВР ја отстранила пораката за операцијата од својата веб-страница.