Дали и по 30-ти октомври во Македнонија ќе продолжи да се применува летното сметање на времето ќе зависи од тоа дали тоа ќе придонесе за заштеда на електрична енергија. Анализа за тоа треба да направи Министертсво за економија, решила Владата на вчерашната седница.
Министерството за економија доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија, информираше вчера вечер владината прес-служба по 88. седница на владиниот кабинет.
Летното сметање на времето требаше да заврши на 30 октомври годинава а дотогаш ќе треба да се знаат ефектите на евентуална мерка. Доколку се задржи летното сметање на времето тоа би значело дека последниот викенд од октомври (ноќта од саботата кон неделата) нема да ги поместиме стрелките на часовникот за еден час наназад. Во пракса тоа би значело дека во зимските месеци ќе се разденува еден час подоцна, но и денот ќе трае подолго, па наместо да почне да паѓа мрак, на пример, во 16 часот, ќе се стемнува во 17.
Македонија, како и другите држави, веќе подолга низа години го применува летното сметање на времето. Но, зачудува фактот што досега не се направени анализите колку овој концепт придонесува во заштеда на енергијата? Дилемата за продолжување на летното сметање на времето не е од вчера но досега не беше направен сериозен обид да се направи и конкретна анализа.
Дебата за укинување на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија (ЕК) пред четири години. Тогаш во онлајн-анкета дури 83 отсто од жителите на ЕУ се изјаснија дека се „за“ укинување на ваквиот начин на сметање на времето, по што ЕК достави и официјален предлог до Европскиот парламент кој истиот го одбори во 2019 година. Според тоа, укинувањето требаше да се примени од лани при што секоја земја-членка требаше да избере кое сметање на времето ќе го задржи. Меѓутоа, во пракса тоа не се случи.