Пациент кој се лекувал во Градската општа болница „8-ми септември” утринава се фрлил од прозорец од првиот кат од Ковид центарот, дознава Сител од болнички извори.
Мртвото тело на пациентот лежи пред болницата, а во моментов полиција прави увид.
Како што наведува медиумот, мртвото тело на пациентот сè уште е на плочникот пред Градската општа болница.
„На ден 10.02.2021 година, пациент хоспитализиран во интензивна нега во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје (пациент А.Ц., роден 1950 год.), во тешка состојба, и под психијатриска контрола и обсервација, и покрај сите преземени мерки, во утринските часови, скокнал од прозорец од прв спрат“, велат од болницата.
Од таму додаваат дека и покрај преземените реанимациони постапки од страна на дежурната екипа, во 7.30 часот пациентот починал.
Од болницата информираат дека се известени сите надлежни институции. Направен е увид на местот, телото е предадено на обдукција, а здравствениот инспекторат врши вонреден инспекциски надзор.