Теориите за побегнатиот вирус од Вухан – Бајден ги повика разузнавачките служби да истражат

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска побара од американските разузнавачки служби да ги „удвојат“ нивните напори за да го објаснат потеклото на пандемијата на ковид-19 и рече дека очекува извештај за 90 дена.

Тој во изјавата рече дека има доволно докази за да се заклучи „дали вирусот се појавил преку човечки контакт со заразено животно или по несреќа во лабораторија“.

Google search engine

Повеќето експерти веќе долго време ја отфрлаат теоријата за несреќа во лабораторија во Вухан, Кина, но таа можност стана актуелна во последните неколку недели во американските дебати.

Бајден рече дека мнозинството во американската разузнавачка заедница не верува дека има доволно информации за да се процени која од тие две варијанти е поверојатна.

Тој им наложи на националните лаборатории да помогнат во истрагата и ја повика Кина да соработува со меѓународните истраги за потеклото на пандемијата.

„Соединетите држави исто така ќе продолжат да работат со своите истомисленици од целиот свет за да извршат притисок врз Кина да учествува во целосна, транспарентна, меѓународна истрага заснована на докази и да обезбеди пристап до релевантни податоци и докази“, рече Бајден.

Американскиот претседател остави можност дека никогаш нема да може да се донесе цврст заклучок со оглед на одбивањето на кинеската влада да соработува во целост со меѓународните истражувања.

„Фактот што не можевме да ги испратиме нашите инспектори на терен во првите месеци секогаш ќе ја отежне секоја истрага за потеклото на ковид-19“, додаде Бајден.