Талибанците го убија „мозокот“ на ИСИС-К зад бомбашкиот напад на аеродромот во Кабул

Талибанците убиле милитант на ИСИС кој бил „мозокот“ зад самоубиствениот бомбашки напад на аеродромот во Кабул во 2021 година, во кој загинаа 13 американски војници и голем број цивили, соопштија американските власти во вторникот, пренесува „Ал Арабија“.

„Терористот на ИСИС-К, кој беше организатор на ужасниот напад на Аби Гејт, е елиминиран од бојното поле. Тој беше клучен организатор во ИСИС-К директно вклучен во смислувањето операции како Аби Гејт, и сега веќе не може да заговара или изведува напади “, рече портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

Google search engine

Аби гејт е влезот на аеродромот во Кабул каде што се случи експлозијата.

Кирби не го именуваше загинатиот терорист.

Бомбашкиот напад, за кој одговорноста ја презеде провинцијата ИСИС-Корасан, терористичка група што им е непријател на Талибанците – се случи на 26 август 2021 година, додека американските трупи се обидоа да им помогнат на своите сограѓани и на Авганистанците да избегаат од земјата по преземањето на Талибанците.

Нападот го зголеми чувството на пораз на САД по 20 години војна.

Експлозијата се случи неколку часа откако западните власти предупредија за потенцијален голем напад, повикувајќи ги луѓето да го напуштат аеродромот, но Авганистанците очајни да избегаат од земјата не послушаа. Во експлозијата загинаа околу 170 Авганистанци.

Американската војска викендов почнала да ги информира семејствата на 11-те маринци, морнарот и војникот убиени на аеродромот за смртта на организаторот на ИСИС-К.

Претставници на администрацијата претходно рекоа дека нема да го објават името на терористот или начинот на кој бил убиен, велејќи дека тоа може да ги загрози методите на Вашингтон за собирање разузнавачки информации.

„Не ја спроведовме оваа операција директно со Талибанците. Ние не соработуваме со нив, но сметаме дека исходот е значаен“, изјави висок американски функционер, кој додаде дека Талибанците не ги информирале САД за акцијата.

Кирби истакна дека САД јасно им ставиле до знаење на Талибанците дека нивна одговорност е да се погрижат да не им обезедат засолниште на терористите, без разлика дали се од Ал-Каеда или ИСИС-К.