Својата „авантура“ ја документирал: Се вакцинирал и со Фајзер и со АстраЗенека – примил 4 дози од 2 различни вакцини

Момче од Сиднеј, Том Ли, примило четири дози вакцина против коронавирусот – по две дози од Фајзер и АстраЗенека за „максимално да стекне антитела“, а својата „авантура“ ја документирал на социјалните мрежи.

Тој тврди дека никому не му украл вакцина, иако вакцината на Фајзер таму се дава само на постари лица од 40 години и на критичните групи.

Google search engine

Жителот на Сиднеј тврди дека примил две дози од АстраЗенека и две дози од Фајзер вакцината за себеси да си обезбеди поголем имунитет против коронавирусот.

Првата доза на АстраЗенека ја примил на 31 март. Истиот ден примил прва доза од вакцината Фајзер. Потоа на 30 јуни ја примил втората доза на АстраЗенака, а потоа и втората доза на Фајзер, во понеделникот во центарот за вакцинација во Олимпискиот парк во Сиднеј.

Том Ли (34) ја документирал секоја од вакцинациите и веднаш објавил на социјалната мрежа Твитер, но потоа го ограничил пристапот на социјалната мрежа.

Потоа објавил и снимка од својата вакцинација со коментар: „Ова можеби е најголемото уметничко дело на епидемијата. Триумф на слободниот човек над бирократијата“.

Тој добил многу коментари, меѓу кои и дека е „глупав“ и „себичен“.

Експерт за инфективни болести Оксан Пизик од Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјавила дека комбинацијата на вакцините произведува „девет пати повеќе антитела“, пренесува „Скај Њуз“.

Меѓутоа, сè уште нема научни докази дека комбинацијата на вакцините е ефикасна и колку.

Научниците испитувале каков ефект може да имаат две дози од вакцини на различни произведувачи, но студиите сè уште се во рана фаза.

Една од таквите студии која ја спровел Универзитетот Оксфорд покажала дека доколку се прими една доза од АстраЗенека, а потоа една доза од Фајзер, заштитата е еднакво добра како кога ќе е прими двојна доза од Фајзер. Меѓутоа, доколку тоа се случи по различен редослед, прво Фајзер, па АстраЗенека, резултатите се послаби.

Од друга страна СЗО вчера објави дека не препорачува мешање на вакцини на различни произведувачи оценувајќи го тоа како „опасен тренд“.

Ли најавил дека планира да оди кај својот доктор и да направи лабораториски анализи на крвта, за да види каков ефект имале вакцините.

Ли исто така тврди дека никому не украл вакцина ниту пак дека се вакцинирал преку ред, туку дека уредно го чекал својот ред.

„Никому не му украдов вакцина. Буквално чекав во редот. Вакцинацијата подразбира малку да се ангажирате, а секој може да го направи тоа. Вработените во службата на јавното здравје не се заинтересирани да се преправаат дека се вакцинална полиција за федералната влада“, изјавил тој за локалните медиуми.

Ли предизвикал интерес во медиумите поради тоа што во Австралија вакцината на Фајзер е достапна само за лица постари од 40 години и оние кои се во „првите борбени редови“, додека пак АстраЗенека се дава на сите оние кои сакаат.

Ли вели дека се чувствува добро по втората доза на Фајзер и дека не сакал да ја пропушти шансата подобро да се заштити од коронавирусот.

„Сакав да имам максимум антитела“, објаснил тој.