Светот стравува од делта и ламбда, а постојат и јота и гама: Утврдени се 9 соеви на коронавирус

На почетокот многумина го нарекуваа едноставно коронавирус, потоа Ковид или Ковид-19, а сега се зборува за алфа, бета и делта варијанти.

Светската здравствена организација (СЗО) создаде систем на именување на соевите на Ковид-19 по грчката азбука за да ја олесни јавната расправа за нив.

Google search engine

Вирусот постојано се менува со мутации, што резултира со нови варијанти кои научниците ги следат.

Лекарите напоменуваат дека научниците сè уште учат за карактеристиките на соевите на Ковид-19, па нема едногласно мислење за тоа дали можат различните соеви да предизвикаат потежок облик на болеста и во која мера вакцините делуваат против нив.

Многу соеви полесно и побрзо се шират од изворниот Ковид-19, тврдат лекарите. Досегашните студии сугерираат дека антителата добиени преку вакцинација ги препознаваат новите соеви, а подеталните истражувања се во тек.

Алфа

Алфа сојот првично е идентификуван во Обединетото Кралство, а СЗО и американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) го означија како варијанта која предизвикува загриженост. ЦДЦ истакнуваше дека оваа варијанта, врз база на податоците за хоспитализација и смртност, можеби предизвикува потешки симптоми од изворниот вирус.

Бета

Првично е идентификуван во Јужна Африка, а СЗО и ЦДЦ исто така го означија како варијанта која ги загрижува.

Делта

Овој сој првично е забележан во Индија, а ЦДЦ и други научници истакнуваат дека е позаразен во однос на претходните соеви. Станува збор за сој кој сега се шири во Европа и во Америка и предизвикува страв за нов бран на болеста наесен.

Делта плус

Околу делта плус, ситуацијата е нејасна. Првично, наводно е забележан во Јужна Кореја, Индија и во САД, а некои веруваат дека станува збор за позаразен сој од делта. Научниците постојано го следат.

Гама

За првпат е регистриран во Бразил, а потврден е и во Јапонија. ЦДЦ и СЗО го означија како сој кој предизвикува загриженост.

Ета

СЗО и ЦДЦ во класификацијата на ета наведуваат дека тоа е сој кој треба да се следи, што е „поблага“ категорија од претходните. Оваа варијанта е документирана во повеќе земји.

Јота

Станува збор, според СЗО и ЦДЦ, за варијанта која се следи. Документирана е во САД, поточно во Њујорк.

Капа

Капа исто така спаѓа во поблагите категории, а за првпат е откриен во Индија во ноември 2020 година.

Ламбда

Првично е регистриран во Перу во декември 2020 година, а оттогаш е потврден во повеќе американски сојузни држави, вклучително Тексас и Јужна Каролина. СЗО го класифицира како варијанта која треба да се следи.