Судбината на евтината струја не зависи од политичарите, туку од регулаторот!

Само Регулаторната комисија за енергетика може да донесе одлука на укинување на дневната евтина тарифа на струјата и никој друд, велат за Денар од Регулаторната комисија за енергетика. Ова прашање не смее да се политизира и политичарите да ја информираат јавноста дали оваа поволност за граѓаните ќе продолжи да им биде на располагање или ќе се укине. Оваа реакција доаѓа од се погласните најави на властите дека евтината дневна тарифа на струјата заминува во историјата. Цената на евтината тарифа во периодот од 14 до 16, вечерната од 22 до седум наутро и цел ден недела е за два пати пониска во однос на  останатите часови користење на електричната енергија во домовите. Инаку, евтина тарифа на струјата во Европа има само во Македонија и во еден дел од Босна и Херцеговина.

Евтината дневна тарифа во нашата држава за жал стана едно исполитизирано прашање, на кое што не му е место политичарите да кажуваат дали треба да има евтина дневна тарифа или не, или во кој период од денот треба да има и слично. Ова е ставот на регулаторот кој вели политичарите да застанат до таму каде што им се ингеренциите. Регилаторната комисија за енергетика веќе се обратила и до МЕПСО, се со цел  да се увиди како евтината тарифа влијае на целокупниот електро енергетски систем. Откако тоа ќе се анализира и оцени дали постојат оптоварувања и проблеми што се случуваат во период на користење на евтината тарифа и има ли дополнително негативно влијание на зголемување на вкупните трошоци на целиот систем. Регулаторната комисија за енергетика дополнително ќе се консултира и исклучиво со врвни експерти кои што се занимаваат со оваа проблематика, се со цел да се избегне мешање на политиката во овој дел на енергетиката.

Google search engine

„Електро-енергетскиот систем во земјава се состои од термо производство и од хидро производство, и има потреба особено во ноќните часови на зголемена потрошувачка. Образложение за ова е фактот што термоелектраните во Северна Македонија би го намалувале своето производсвто навечер, а тоа би значело  нивни зголемени трошоци за работа. Од 22 часот до седум наутро да биде за два пати поевтина цената на електричната енергија, со цел доколку можат домаќинствата и се прилагодени својата потрошувачка да ја префрлат во ноќните часови. А пак дневната тарифа која е во текот на денот од 14 до 16 часот таа е превземена од првиот тарифен систем кој што е воведен во државата во 1982 година. Но тогаш и динамиката и начинот на живеење беше различен, но и индустријата си имала други потреби и карактеристики. И не случајно бил воведен тој период бидејќи работното време завршувало до 15 часот“, велат од РКЕ

Пропорционално, на ниво на цела држава намалувањето на сметката на струја, токму поради евтината тарифа е четири отсто, и тоа во последниве три години. Сега од друга страна треба да се види колку тоа намалување од четири отсто влијаело на набавка на електрична енергија, дали компаниите од енергетскиот сектор имале зголемени трошоци. Се најавува и подготовка на анализа која треба да даде соодветни одговори и дури потоа Регулаторната да излезе со конечен став.

Од Регулаторната комисија за енергетика се на став и дека ирелевантно е дали една држава која има либерализиран пазар на електрична енергија има евтина тарифа на струјата или не, бидејќи компаниите од земјава кои се на слободниот пазар од 2014 година немаат евтина тарифа. За стопанството не постои евтина тарифа, но факт е дека трошоците за електрична енергија се намалени за најмалку 30 отсто.

Од Министерството за економија, институција под кого е и секторот енергетика соопштија дека се прават планови за менување на моделот на користење на евтината тарифа на струјата. Можно е да биде укината, а дополнителни средства да добиваат домаќинствата кои имаат проблеми во плаќањето на сметките за електрична енергија. Засега од ресорното министерство не откриваат дали оваа поволност за граѓаните ќе остане на располагање и по Нова година.

„Кога сме кај евтината тарифа во текот на ноќта сигурно ќе има, работиме на проширување на листата на корисници на ваучери за енергетска сиромаштија и во моментов се разгледуваат две опции.  Да остане евтината тарифа во текот на денот од 14 до 16  часот или да ја зголемиме помошта за граѓаните кои имаат најголема потреба на ранливите категории. И работиме на промена на моделот на поддршка за енергетска сиримаштија со директен систем на ваучер, средствата директно да ги трансферираме за потребите на домаќинствата за сметки за електрична енергија“, велат од Министерството за економија

Евтината дневна тарифа беше и едно од предизборните ветувања на веќе екс лидерот на СДСМ Зоран Заев, Тој во 2017 година вети дека по освојувањето на власта, граѓаните ќе имаат евтина тарифа на електричната енергија до влезот на Македонија во Европската Унија. Но сега со неговото заминување од лидерското место на партијата можно е и ново укинување на евтината тарифа на електричната енергија. Препораките на Европската енергертска заедница се дека ваква привилегија треба да имаат само граѓаните кои живеат во социјален ризик. Инаку, во 2012 година еднаш веќе беше укината дневната евтина тарифа на струјата.

- АУДИО РЕКЛАМА -