Страшна сцена на светското првенство: Пливачка останала без свест и потонала на дното на базенот, спасувачите не реагирале

Вистинска драма се случила на Светското првенство во пливање во Будимпешта.

Американската пливачка Анита Алварез се онесвестила во текот на настапот и потонала на дното на базенот, а само со експресна реакција од нејзиниот тренер бил спречен трагичен исход.

Реклама

Натпреварот во синхронизирано пливање бил во тек, но за Анита нешто тргнало на лошо при што останала без свест и почнала да тоне.

Бидејќи сфатила што се случило, нејзиниот тренер Андреа Фуентес веднаш скокнала во базенот и ја извлекла Анита на површината.

Набрзо допливале и спасувачите, а Алварез започнала да дише.

„Сите се исплашивме. Морав да скокнам во базенот бидејќи спасувачите не реагираа. Кога видов дека не дише, многу се исплашив. Добрата вест е што сега е сè во ред и Анита добро се чувствува“, изјавила Фуентес, пренесува Daily Mail.

Во изјава за медиумите, Андреа открила детали по лекарскиот преглед.

„Докторите ѝ ги проверија сите витални показатели и сè е во ред: пулсот, кислородот, нивото на шеќер, крвниот притисок… Понекогаш забораваме дека ова се случува во други спортови со висока издржливост. Маратон, велосипедизам, крос… сите сме виделе фотографии на кои некои спортисти не стигнуваат до целта, а други им помагаат да стигнат дотаму. Нашиот спорт не се разликува од другите, само во базен, ги туркаме границите и понекогаш ги пронаоѓаме. Анита сега се чувствува добро, а докторите исто така велат дека е добро. Утре ќе одмара и заедно со лекар ќе одлучи дали ќе продолжи да се натпреварува. Ви благодарам на сите убави желби за Анита“, порачал нејзиниот тренер.

Реклама