Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг призна дека Алијансата нема единствен став во врска со прашањето околу „Северен тек 2“, гасовод кој е во завршна фаза од изградбата, а кој ќе ги поврзува Русија и Германија.
Столтенберг призна дека земјите членки на НАТО Алијансата останале поделени во врска со ова прашање и дека нема консензус.
Соединетите Американски Држави, инаку најмоќната држава во НАТО Алијансата бара стопирање на целиот проект, додека Германија, како најдоминантна сила во Европа бара гасоводот да биде завршен затоа што добивањето на гас од Русија е клучно за енергетската сигурност на целата Европска унија.
„Во НАТО постојат различни ставови во врска со проектот „Северен тек 2“. Не станува збор само за став на САД туку и други земји имаат критичен поглед, додека други земји сојузници имаат поинаков став“, изјави генералниот секретар на најмоќниот воен сојуз на светот, Јенс Столтенберг и додаде:
„Секако, сите ние го сметаме дека сојузниците можат да се договорат, истовремено исто така сум уверен дека НАТО во текот на изминатите години докажа дека сме во состојба да останеме посветени на меѓусебната заштита и одбрана и покрај фактот што понекогаш постојат разлики. Немаме единствен став во врска со ова прашање“, изјави Столтенберг.
Да потсетиме, официјален Вашингтон се закани со воведување на санкции против компаниите кои работат на изградбата на гасоводот, додека Германија пак инсистира на негово завршување.
Според противниците на овој проект, Европа ќе стане доста зависна од руските енергенси, додека пак Москва истовремено со новиот гасовод ќе ја маргинализира Украина.