Стоилковски: Како фирма блиска на Рашковски зела тендери вредни 850.000 евра од „Дрисла“?

„Како фирма блиска до Рашковски зела тендери вредни 850.000 евра од ‘Дрисла’? Како во време на СДСМ, додека со ‘Дрисла’ управува Коста Начевски, роднина на Рашковски и функционер на СДСМ, фирмата ‘Алпима градба’ на Александар Пиперевалиев од Струмица, бизнис-партнер на Заеви и роднина на Рашковски, склучува договори за изнајмување машини со јавното претпријатие за што му се исплаќаат приближно еден милион евра?“, беа прашањата што на денешната прес-конференција ги постави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Фирмата „Алпима градба“, сопственост на Пиперевалиев од Струмица, близок до Рашковски, рече Стоилковски, со само два договора од 2019 и 2020 година успева со изнајмување машини да оствари приход од „Дрисла“ приближно еден милион евра?

Реклама

„Како токму фирмата од Струмица, блиска до Заеви и до Рашковски, го добива тендерот за изнајмување машини во ‘Дрисла’? Дали за ‘Алпима градба’ е менувана тендерска документација во отворена постапка? Како тече постапката и како се мести тендерот за струмичката фирма? Одговор ќе ви дадам сега“, истакна тој.

„Според договорот од 2020 година, вреден над 12 милиони денари, и тоа е првата работа откако ‘Дрисла’ станува ЈП и со претпријатието почнува да управува Коста Начевски. Се распишува оглас за изнајмување механизација, кој првично содржи услови за заинтересираните да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно три последователни години, последните години да имаат најмалку 12 вработени и други критериуми, кои, замислете, додека е отворена постапката, се менуваат и се бришат! Односно, огласот почнува да ги добива контурите токму како на фирмата на Пиперевалиев од Струмица, бизнис-партнер на Заев и роднина на Драги Рашковски, во тој момент генерален секретар на Владата. Вториот спорен момент е што за договорот меѓу ‘Дрисла’ и фирмата на Пиперевалиев е прекршен Законот за јавните набавки и договорот е склучен во четири очи“, наведе Стоилковски.

Оценува дека додека државата тонеше економски, здравствено, образовно и на секое друго поле, СДСМ тера бизниси во чија основа лежат криминал и корупција. Се менуваат услови на тендери во отворена постапка, вели Стоилковски, а бизнисите, според него, си ги делат братучеди и роднини на функционери од Владата.

„Тоа беа тенденцијата и сликата за владеењето на СДСМ изминативе пет години, тоа е сликата што сѐ уште не е сменета. Единствена промена ќе дојде со предвремени, брзи парламентарни избори“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Реклама