Статистика: БДП во третиот квартал паднал 3,3 проценти, а во вториот не 12,7 туку историски 14,9 проценти

Државниот завод за статистика денеска соопшти дека падот на БДП во третиот квартал од годинава изнесува 3,3 проценти. Но она што е највпечатливо во проценетите податоци на статистика е дека има корекција на проценките за падот на домашната економија и во вториот и во првиот квартал. Најголем пад статистика регистрираше во вториот квартал од годинава.

Откако соопшти дека падот е 12,7 проценти, што беше историски еден од најголемите падови на економијата, сега со резултатите за третиот квартал се корегирани и претходните бројки. Па така во соопштението стои дека падот во вториот квартал од годинава бил речиси 15 проценти, или поточно 14,9 процнети, што дефинитивно е најголем историски пад на македонската економија во еден квартал и воопшто. А во првиот квартал плусот наместо 0,2 бил 0,9 проценти. Со последователни два квартала пад на економијата, во вториот и третиот квартал земјава и официјално влезе во рецесија.

Реклама

Историски гледано најголемиот годишен пад на БДП од 13.2% е забележан во 1992 година, предизвикан од распаѓањето на заедничкиот југословенски пазар, од оневозможувањето пристап до другите пазари на кои производството се пласирало дотогаш, сето проследено со макроекономска нестабилност пресликана врз драстичен пад на куповната моќ на населението. А најголемиот квартален пад од 12.7%,( исто колку што беше првата пресметка на статистика за вториот квартал од годинава) е забележан во третиот квартал од 2001 година, предизвикан од внатрешниот конфликт.

Податоците за третиот квартал покажуваат дека продолжува падот на финалната потрошувачка.

„Во третото тримесечје од 2020 година, најголем пораст е забележан во секторите  Земјоделство, шумарство и рибарство од 5.2 %;  Градежништво од 3.4 % и  Информации и комуникации од 3.3 %. Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2020 година, номинално опаѓа за 1.4 %, а нејзиното учество во структурата на бруто – домашниот производ изнесува 66 %. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се намали за 6.8 %, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 3.2 %.“- соопшти Државниот завод за статистика.

Реклама