Стана градоначалник на само 23 години и сите веруваа во него: Сега е обвинет за тешки кривични дела!

Џесиел Кореиа, градоначалникот на Фол Ривер во американски Масачусетс е обвинет за тешки кривични дела и го чека почетокот на судскиот процес.

Кога во 2016-та година, на своја 23-годишна возраст беше избран за градоначалник на Фол Ривер, град со околу 80 илјади жители, јавноста беше уверена дека тој е перспективен, вреден, способен и шармантен млад човек кој ќе донесе големи промени во градот, а неговата кариера ќе биде во константен подем.

Но, се чини дека Кореиа повеќе работел на „другата страна на законот“, а обвинителството веќе отвори сериозна истрага против него за низа на кривични дела кои ја шокираа тамошната јавност.

Кореиа е обвинет дека преку апликација која ја направил сам, успеал да украде повеќе од 230 илјади долари од разни инвеститори и со нив да си купи нов Мерцедес, да плаќа коцкарски патувања и забави за возрасни.

 

Покрај тоа, обвинет е дека како градоначалник, ја убедил својата најблиска соработничка да му дава половина од својата плата ако сака да го задржи своето работно место, а изнудил и стотина илјади долари од производители на марихуана кои се обиделе да започнат со легален бизнис во Фол Ривер.

„Мојот сопруг најдобро објасни кој е Кориеа кога рече дека тој човек е во состојба да го убеди папата дека Бог не постои“, изјави Линда Переира, советничка во општината Фол Ривер која беше поразена токму од Кориеа на изборите за градоначалник.