ССМ стравува дека постои опасност дел од газдите повторно да ја злоупотребат помошта од државата за плати!

Синдикалците и активистите со позитивни ставови во однос на петтиот сет економски мерки кои ги објави Владата. Задоволни се што и во овој пакет има поддршка за работниците но сега, дополнително и отпис на камати на долгови од јавните претпријатија. Сепак, не изостанува загриженоста дека дел од работодавачите повторно може да ја злоупотребат државната помош и наместо на сметките на работниците парите за плати да ги задржат за себе. Оваа тема беше и нова причина за уште една преписка помеѓу власта и опозицијата. Од СДСМ сметаат дека продолжува вистинска грижа на државата за граѓаните, за работниците, за компаниите, за економијата. Од Белата палата пак, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека скапо позајмените пари на Владата за најавените мерки нема да дадат никаков резултат.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за Денар велат дека првично финансиската поддршка за исплата на плати за работниците од најпогодените сектори беше воведена уште на самиот почеток на здравствената криза, токму по барање на синдикатите. Сега велат, власта повторно го слушна гласот на работникот и со овој пакет мерки продожува да ја финансира исплатата на платите на работниците. Тоа според синдикатот ќе спречи да бидат доведени во прашање работните места во најпогодените сектори. Податоците се дека околу 60 илјади работници ќе добијат близу две милијарди денари, но поддршката ќе биде скалеста и ќе се движи од 14 500 денари до 21 776 денари и тоа за месеците февруари и март. Од ССМ велат и дека се прифатени нивните услови за добивање на финансиска поддршка

„Работодавачите мораат да го задржат бројот на вработените заклучно со 31.12.2020 година со што, работниците кои ги изгубиле своите работни места во јануари и февруари ги враќаме на работа, доколку работодавачите сакаат да добијат финансиска поддршка за исплата на плати, а ги гарантираме и нивните работни места во периодот додека се користи мерката и месеците по завршување на истата. Дополнително на барање на работниците, ССМ бараше, работодавачите да добијат поголемо даночно ослободување при исплата на регрес за годишен одмор, а Владата прифати таквото даночно ослободување да биде за исплатен регрес за годишен одмор во висина до 80% од просечната плата, со што надмината е пречката работодавачите да исплаќаат и повисок износ на регрес за годишен одмор од утврдениот во висина од 40% и за тој износ да не бидат дополнително оданочувани, па апелираме сите работодавачи да ја искористат ваквата поволност и да исплаќаат регрес за годишен одмор во висина од 40-80% од просечната плата“,  велат од ССМ за Денар.

Синдикалците напоменуваат дека бројот на работници ќе мора да се задржи најмалку два месеци по искористувањето на помошта. ССМ ја поздравува и одлуката фирмите кои годинава ќе работат со добивка да не ја враќаат помошта за плати, а за оние кои користат кредити 30 отсто од нив да станат неповратни. Но и покрај многуте задоволства синдикалците се загрижени дека постои можност несовесни работодавачи повторно да ја злоупотребат државната помош.

„Иако не успеавме докрај да го спроведеме нашето барање овие средства да стигнат директно на сметките на работниците за што впрочем добивме поддршка и од Организацијата на работодавачи, тоа и овојпат не е возможно како што ни е укажано од технички причини со софтеврските решенија, но од друга страна придонесовме Управата за јавни приходи и останатите инспекциски служби навремено да интервенираат и да спроведуваат почести контроли и при констатирање на неправилности преку присилна наплата средствата повторно да стигнат на сметките на работниците, а таквите несовесни работодавачи да бидат санкционирани и кривично да одговараат.“

Сега синдикатот вели дека треба да се види ефектот од мерките. Првично се проектирани за преживување на економијата и зачувување на работните места. Колкава ќе биде користа на работниците од петтиот пакет мерки останува непознато. Што се однесува до барањето за бришење на каматите, од Македонската платформа за борба против сиромаштијата велат тоа е од помош, но не во целосна релација со нивната заложба. Според активистите за борба против сиромаштијата, оваа мерка требало да биде обезбедување на целосен пристап преку поповолни услови за користење на јавните добра за оние кои се во социјален ризик, вклучително и сиромашните граѓани.

„Исклучувањето на ЕВН, БЕГ и другите приватени претпријатија кои даваат јавни услуги од мерката е дополнителен проблем, директно поврзан со зголемување на енергетската сиромаштија и неквалитетот на домувањето, кое го загрозува достоинственото живеење на најранливите. Принципот кој ние го поддржуваме подразбира достапност и обезбедување на основните потреби за сите граѓани, преку прогресивно оданочување, субвенционирање или степенесто плаќање за најранливите, со што би се овозможило избегнување на создавање долгови. Кај мерки од овој тип секогаш е дилема дали долговите, и каматите заедно со нив, настанале заради неможност да се платат, или како избор да не се платат, и оттука пристапот треба да биде различен, а не линеарен кога станува збор за помош, за да не се поддржува нееднаквоста меѓу населението.“

А петтиот пакет економски мерки повторно ги скара власта и опозицијата. Владеачката СДСМ со оптимизам дека мерките на Владата ќе придонесат за раст на економијата од четири до пет отсто од БДП на крајот на годинава. Велат дека мерките ќе помогнат на работниците и на компаниите полесно да ги поминат месеците февруари и март за кога е предвидена помошта за плати. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека постои правило кое вели што повеќе мерки, тоа помали резултати. Па тие се песимисти дека најавените 29 мерки за економијата нема да го дадат најавениот ефект. Опозиционерите сметаат дека требало да има и една сериозна мерка која ќе биде за сузбивање на пандемијата од Ковид 19, и тоа што поскоро.

Инаку, освен за плати на работниците и отпис на камати на долгови од јавни претпријатија, мерките содржат и помош за угостителите, тутунарите, туристичките работници, како и замрзнување на даноци, царини и слични давачки кон државата. Она што треба да се знае е дека премиерот потврди дека со овој петти сет мерки завршува субвенционирањето на плати во приватниот сектор.