Претседателот на парламентот на Венецуела, Хорхе Родригез изјави дека венецуелската влада спречила планиран напад со беспилотни летала врз претседателот Николас Мадуро.
Родригез рече дека четири беспилотни летала полетале на 22 јуни со цел да го нападнат Мадуро, за време на церемонијата на отворање на новиот споменик по повод 200-годишнината од битката кај Карабоб, пренесува германската агенција ДПА.
Нашите разузнавачки служби деактивираа четири беспилотни летала и наскоро ќе знаеме каде се купени, кој ги бараше и каков беше планот за атентат врз претседателот и службениците на инаугурацијата на споменикот во Карабоб, рече Родригез на прес конференција.
Мадуро е во долгогодишен конфликт со самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо и повеќе пати зборуваше за наводни планови за напад или соборување на неговата влада.
Претседателот на Венецуела избегна обид за атентат во 2018 година, кога беспилотни летала со експлозив се појавија пред него додека тој зборуваше на церемонијата на Националната гарда во Каракас.
Тој остана неповреден, но седум војници на Националната гарда беа повредени.