Совет на амбасадори: Прекројувањето на границите на Балканот би довело до ново крвопролевање

Нон-пејперот претставува опасна игра која може да прерасне во „катастрофална лавина, што настанала од мала топка снег”, се вели во реакцијата на Советот на амбасадори по повод нон-пејперот од Словенија во кој се заговара промена на границите на Балканот.

„По сѐ изгледа нон-пејперот сепак потекнува од пријателска Словенија и нејзиниот премиер, кои се исправени пред мајското преземање на претседателството со Европската Унија. Факт е дека се ставени на хартија клучни тези во вид на крајно опасна идеја, за која, како во позната филмска рашомонијада следеа разни спротивставени изјави.

Google search engine

Советот со големо изненадување и загриженост посочува кон фактот дека дел од балканските земји, сега полноправни членки на НАТО и кандидати за членство во ЕУ се наоѓаат на хартија, што проектира состојби кои не смеат и не можат да бидат решавани и решени во изолирани европски кругови и/или нечии кабинети. Оттаму, Советот високо ја цени брзата реакција на Стејт департментот, што потсетува  на клучните договори, кои се веќе постигнати заради мир и соработка во балканскиот регион и кои треба да се спроведуваат во реалноста.

Советот стои цврсто на ставот дека етноцентризмот, националзмот и прекројувањето на границите би довело до ново крвопролевање со несогледливи последици кон целиот регион на Југоисточна Европа“, се вели во соопштението на Советот на амбасадори.