Несоодветната брзина и лоша проценка на возачот најверојатно ја предизвикале автобуската несреќа со 46 жртви кај Бошнек. Ова за bTV го изјави секретарот на регионалниот совет за безбедност на Перник, Васко Пиргов, кој на местото на инцидентот бил заедно со првите полицајци и пожарникари.
Кога пристигнал околу 3 часот и 30 минути, пожарот бил изгаснат, а размерите на трагедијата станале јасни. „Не е за раскажување. Глетка која е стравична. Тие скокнаа од автобусот од задното десно стакло, изјави Пиргов за bTV.
Според него, возилото застанало на бензинска пумпа, која е оддалечена само 20 минути од местото на трагедијата и невозможно е возачот да спиел!?
Според Пиргов, возачот најверојатно возел со несоодветна брзина и имал лоша проценка додека возел по десната лента во делот на чешмата покрај патот. „Автобусот удри во предна десна гума во знак кој леташе 45 метри напред. Површината на патот беше совршена, автобусот не можеше да се лизне. Нема траги од сопирање на патот“, нагласи тој.
Пожарот започнал од предниот дел, според полицијата, во резервните гуми имало канистри со нафта. Бидејќи работело парното од таму избувнал пожар, цел пат бил со истечена нафта, велат тие за bTV.
Според Васко Пиргов, повеќето од жртвите најверојатно се задушиле.
Сликата е ужасна. Тоа не е за гледање таму. Никогаш не сум видел нешто слично. Луѓето се склупчени, тие се јагленосани. Сега треба да се идентификуваат. Ова на вонреден брифинг од местото на трагедијата го коментираше министерот за внатрешни работи на Бугарија, Бојко Рашков по катастрофата со македонски автобус на автопатот Струма.
Најмалку 46 лица загинаа откако синоќа на автопатот Струма се запали патнички автобус со македонски таблички. Пламенот според него избувнал откако возилото удрило во заштитната ограда.
Автобусот ја однесе заштитната ограда. Сосема е можно ова палење да се случило како резултат на контакт со заштитната ограда. Но, ова се нашите верзии, рече Рашков.