Поранешниот британски премиер Борис Џонсон во интервју за „CNN“ зборувал за почетоците на руската специјална операција во Украина.
Тој во интервјуто објаснил дека меѓу европските држави во февруари постоеле различни размислувања за нападот на Русија.
Во текот на разговорот, Џонсон истакнал дека Франција и Германија имале сосема поинакво гледиште на овој настан во однос на другите земји од Европа.
„Германското гледиште во една фаза беше такво што кажаа дека ако треба да се случи инвазија, што било катастрофално, тогаш би било подобро целата работа да се заврши брзо и Украина да се предаде. Мислам дека тоа беше катастрофално гледиште на работите, но можам да разберам зошто размислуваа така“, рекол Џонсон.

Како една причините зошто Германија размислувала така, Џонсон ја навел енергетската зависност на таа држава од Русија.
Друга држава чиј пристап го критикувал британскиот премиер е Франција.
„Не се сомневајте, Французите до последен момент ги демантираа случувањата на терен“, рекол Џонсон.
Третата држава за која зборувал е Италија, која тогаш ја предводел Марио Драги.

„Неговата влада во тој момент велеше дека нема да може да го поддржи ставот кој го заземаме со оглед на тоа дека Италија масовно се потпира на руските енергенти“, рекол тој.
Ставовите се промениле по почетокот на инвазијата.
„Сите, Германците, Французите, Италијанците, Американците, видоа дека едноставно нема други опции. Едноставно не можете да преговарате со Путин. Тоа е клучната работа. Го почитувам начинот на кој постапи Европската унија. Санкциите беа силни, а одговорот заеднички“, порача поранешниот премиер на Велика Британија Борис Џонсон.