Инвазијата требаше да се изврши набрзина, по моделот на успешните советски воени интервенции во Унгарија, Чехословачка и Авганистан.
Додека руската 42-дневна инвазија на Украина полека се претвора во позициска и исцрпувачка војна проследена со уништување и тешки цивилни жртви, прашањето е што се случи со помпезно најавуваната битка за Киев и познатата колона руски оклопни возила и тенкови долга над 60 километри, за која медиумите со денови известуваа.
Овие прашања се особено важни ако се земе предвид минатонеделната неочекувана одлука на Министерството за одбрана на Руската Федерација, кое најави дека руските трупи ќе се повлечат од регионот на главниот град на Украина како знак на добра волја во понатамошните преговори меѓу двате страни и дека руските сили ќе се посветат на главната цел а тоа е Донбас и ослободување на проруските региони Доњецк и Луганск.
Финскиот консултант Томи Ахонен, автор на 12 книги и според Форбс највлијателниот светски експерт за мобилната индустрија од 2012 година, објави интересна анализа за битката за Киев. – Руската страна тврди дека фронтот околу Киев и Харков, вториот по големина украински град, бил само голема диверзија чија цел била да ги задржи украински војници во тие области за руските сили полесно да ги извршуваат операциите во Донбас – вели Ахонен и продолжува:
Планот А на рускиот претседател Владимир Путин требаше да ја постави основата за освојување на Киев и победа во Украина во молскавична воена операција која требаше да трае само четири часа. Овој план се засноваше на успешните советски воени интервенции во Унгарија во 1956 година, Чехословачка во 1968 година и Авганистан во 1979 година. Планот беше, накратко, следниот – да се окупира главниот град, да ги преземе ТВ и радио станиците и да прогласи победа во етерот – што би било одлучувачки удар за украинскиот морал и дополнителна волја за отпор.
Оваа фаза требаше да ја изведат елитните припадници на руските воздухопловни сили (ВДВ). Утрото на 24 февруари, околу 1.000 припадници на 11-та или 35-та бригада на ВДВ слетаа на воениот аеродром Антонов кај градот Гостомељ со помош на неколку десетици хеликоптери. Следната фаза од планот беше руските транспортни авиони Иљушин ИЛ-76 да слетаат на окупираниот аеродром и да донесат вкупно 7.000 војници и нивните оклопни возила, кои потоа ќе извршат напад на блискиот Киев.
Меѓутоа, планот се заглави уште првиот ден. Украинците имаа разузнавачки информации и до крајот на 24 февруари ја вратија контролата врз аеродромот.
Поголемиот дел од руската армија никогаш не се истовари бидејќи претходницата не успеа да го обезбеди аеродромот од артилериски и противвоздушен оган. Следниот ден, на 25 февруари, Русите извршија нов напад на Антонов со десетици хеликоптери во соработка со 35-та Комбинирана армија, која се проби од Белорусија. Го заземаа, но Украинците ги уништиле пистите и на тој начин спречиле слетување на големи транспортни хеликоптери.
Ахонен наведува дека Русите потоа го започнале планот Б.
Тој план вклучувал опсада на Киев. 35-та комбинирана армија на Русија, со околу 70.000 војници и 7.000 оклопни возила (од кои 2.000 тенкови), требаше да стигне во Гостомељ уште првиот ден, каде што ќе сочекаат конвојот со гориво за да продолжат да го опкружуваат градот. Конвојот долг преку 60 километри, за кој толку се зборуваше, всушност беше делумно уништен, дел остана во распаѓање, а дел беше расфрлен низ главниот град. Во нападите на конвоите клучна улога имаа група од околу 30 оператори на беспилотни летала од единицата за воздушно извидување Аерозвитка, турски беспилотни летала Бајрактар, како и помали групи војници со противтенковски ракети Јавелин и НЛАВ.
Покрај тоа, уништен е еден од клучните мостови во Ирпин, град со 30.000 жители, кој руските сили не успеаја да го освојат. Да го напревеа тоа, тие би имале отворен пат да го опколат Киев. Големите руски загуби во жива сила и опрема на овој фронт, како и неочекуваното враќање на 35-та Комбинирана армија во Белорусија, го побиваат тврдењето за тактичка измама бидејќи на непријателот му била оставена можност да се прегрупира и да го сврти вниманието кон фронтот на исток. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека повлекувањето на руските трупи од областа околу Киев следело по наредбата на претседателот Владимир Путин како знак на добра волја за преговори.