Принцезата Дајана во периодот од една година испратила неколку писма на свои блиски пријатели, а тие одлучиле тие писма да ги продадат на аукција.
Во приватните писма кои стигнале во центар на внимание во јавноста, принцезата Дајана наводно напишала дека никогаш не би се согласила на развод од кралот Чарлс да знаела низ што сè ќе мора да помине.
Нејзините писма ќе бидат продадени на аукција во износ од 90 илјади фунти. Вкупно 32 писма и честитки кои ги напишала принцезата Дајана меѓу 1995 и 1996 година ќе бидат поставени на аукција.

Писмата биле наменети на нејзините блиски пријатели Сузи и Тарек Касем кои одлучиле да се „ослободат“ од нив затоа што сметале дека се преголема одговорност да ги пренесат на своите деца.
Сепак, оние кои имаат најдоверливи содржини ќе ги задржат за себе, а сиот приход од продажбата на писмата ќе биде дониран во хуманитарни цели.
Во едно од писмата напишано во 1996 година принцезата признала дека поради притисокот од сите страни морала да се откаже од одење на опера.
„Поминувам низ тешки моменти, а притисокот е сериозен и доаѓа од сите страни. Понекогаш е претешко да ја држам главата крената, а денес сум на колена и само тежнеам за тоа овој развод да помине затоа што цената е огромна“, пишувало во писмото.

Во друго писмо принцезата признала дека ја прислушкуваат.
„Пред една година да знаев што ќе доживеам преминувајќи низ овој развод, никогаш не би се согласила на него. Тоа е многу тешко и грозно“, напишала таа.
„Можеби ме опишаа како пеперутка, но всушност не сакам да одлетам од ова прекрасно семејство“, напишала во писмото еден ден откако кралицата Елизабета им рекла неа и на Чарлс дека е најдобро да се разведат.