Отсекогаш се сметало дека електричните автомобили се посигурни од возилата на бензин или дизел; електричните возила имаат помалку подвижни делови, како и помалку течности.
Меѓутоа, новата студија покажува дека електричните автомобили сепак не се посигурни од варијантите со мотори со внатрешно согорување.
Имено, новото истражување на британската група на потрошувачи „Which?“ открива дека сопствениците на традиционални бензински или дизел возила пријавуваат помалку проблеми во првите 4 години од сопственоста отколку сопствениците на електрични возила.

Групата анкетирала вкупно 48.000 луѓе за возилата кои ги возат, што вклучувало 2.184 електрични автомобили. 39 отсто од сопствениците на електрични возила имале проблем во првите 4 години од сопственоста, во споредба со само 19 отсто од сопствениците на бензински автомобили и 29 отсто од сопствениците на дизел возила.
Не само што електричните автомобили се помалку сигурни, туку и сервисите траат подолго во споредба со оние на бензин и дизел возила. Најчести проблеми се јавувале со софтверот, за чија поправка биле потребни и до 5 дена, во споредба со 3 дена за автомобилите на бензин и 4 дена за оние на дизел.
Најмалку сигурен од сите брендови на електрични возила е „Tesla“, при што 39 отсто од сопствениците пријавиле барем еден дефект во првите 4 години од сопственоста, а 5 отсто од проблемите вклучувале дефекти при стартувањето на возилото. На другиот крај на листата е „Kia“ со својот „e-Niro“, при што само 6 отсто од сопствениците пријавиле дефект, а само 1 отсто од нив се поврзани со стартувањето.
„Знаеме дека возачите сакаат да прејдат на поеколошки автомобили, но од витално значење е тие да добијат квалитетен производ“, вели Лиса Барбер, уредничка на „Which?“.

„Особено кај електричните возила, нашето истражување покажува дека премиум цена не значи и доверливо возило, така што секогаш би ги охрабрувале возачите да истражуваат пред да направат толку значајно купување за да видат на кои автомобили и марки можат да им веруваат“, вели таа.