Сезонски работник којшто бил измамен во Хрватска, опишал со што се соочил на работа и какви биле условите за работа.
Иако сè изгледало дека ќе биде според договорот и планот, сепак еден сезонски работник бил измамен во Хрватска каде отишол да работи како келнер во угостителски објект, а за тамошните медиуми го опишал своето искуство.
„На почетокот на мај годинава пристигнав во Медулин. Се вработив како келнер и според телефонскиот разговор, каде ја договорив работата, сè мораше да биде во најдобар ред – платен стан, работно време 9 часа, еден ден во неделата слободен, пријавен, плата од 1.000 евра на сметка, бакшишот е мој. По тој прв разговор шефот делуваше како чесен работодавец, со многу искуство во туризмот и разбирање на работниците“, ја започнал тој својата приказна.

Момчето набрзо се сретнало со првите непријатни искуства:
„Сместен сум во стан со уште тројца работници од Македонија. Една просторија во која се готви и спие и импровизиран тоалет без врата. Иако не се познававме, брзо најдовме заеднички јазик. Но, станот е валкан, машината за перење алишта и тушот беа расипани, а во кујната имавме само чајник без ниту една чаша, прибор за јадење или тенџериња. Сопственикот кратко ни рече дека бараме премногу и дека кафе може да пиеме надвор, а на плажа имаме туш. Цимерите некако не се израдуваа премногу, но сепак одлучија да се снајдат.
Потоа, работевме по 12 часа дневно, без слободен ден, а шефот ни го земаше бакшишот. Договорот за работа го добивме по еден месец, а во него пишуваше минимална плата. Му кажав на шефот дека не се договоривме така, а тој одговори дека трошоците му се превисоки и дека на рака ќе ја добијам разликата од минималната плата и договорените 1.000 евра“, раскажува човекот.

„Никој од странските колеги не ја видел својата работна дозвола или договор. Немаа никаква сигурност, а од агенциите кои ги довеле таму тврделе дека нема проблем поради тоа што изработката на дозволите трае со месеци, луѓето им веруваа на тоа“.