Откако го имаше своето воведно обраќање во кое се извини за слабата игра на неговиот тим и го честиташе пласманот на Македонија на континенталниот собир, на ред дојдоа прашањата на новинарите, а уште првото предизвика навистина непријатна ситуација.
Еден од грузиските новинари нагласи дека е крајно повреден од поразот од Македонија и сериозно му забележа на Вајс што не направил замена до 80-та минута од средбата во ситуација кога тимот изгледаше безопасно кон нашиот гол, по што заклучи дека не може да го слуша неговото обраќање пред медиумите и покрај тоа што досега многу го почитувал. Новинарот порача дека зборува во име на повеќе свои колеги, по што најголем дел од претставниците на медиумите го напуштија прес-центарот и буквало го понижија Вајс на денот кога претрпе тежок пораз.
Ова беше дополнителен удар за разочараниот Вајс, кој самиот порача дека ги брои последните денови во селекцијата на Грузија, односно професионално ќе ги одработи претстојните два дуели од Лигата на нации во текот на наредните седум дена, по што ќе се повлече од функцијата.