Секој ден изчезнува по едно село: Корона колапс на истокот на Европа, мртовечниците се полни а телата се трупаат по ходниците

Мртовечницата во главната болница во земјата повеќе нема место за починатите, пишува АП. Телата на жртвите од Ковид-19, завиткани во црни пластични кеси, се наредени во ходникот на болницата во романската престолнина Букурешт.

Во последните два месеци, стотици луѓе умираат во Романија секој ден. Земјата е меѓу најтешко погодените од новиот бран корона, а бројот на вакцинирани во Централна и Источна Европа е неспоредливо помал отколку во Западна Европа.

Google search engine

Романија, земја со 19 милиони жители, моментално има една од највисоките стапки на смртност во Европа. Минатиот месец, Светската здравствена организација испрати свој тим да им помогне на властите во земјата во борбата против пандемијата.

Фрустрирани и исцрпени, романските лекари се борат да ги држат главите над вода.

Секој ден исчезнува по едно село во Романија, рече д-р Каталин Кирстоију, раководител на Универзитетската болница во Букурешт. Што ќе се случи за една недела или еден месец? Поголемо село? Или град? Кога ќе престане сето тоа?

Експертите за високата стапка на смртност ја обвинуваат малата вакцинираност, во земја каде што само околу 40 отсто од населението е целосно вакцинирано – далеку под просекот на ЕУ од 75 отсто.

Се верува дека ниските стапки на вакцинираност овде и во другите делови на Источна Европа се резултат на општата недоверба кон владата и институциите, послабото образование и длабоко вкоренетите движења против вакцинацијата во кои се вклучени некои високорангирани лекари.

Ние сме финансиски, физички и психички исцрпени, вели Кирстоију. На крајот на краиштата, сето тоа е последица на една работа: неможноста на населението да сфати дека треба да се вакцинира.

Според него, немаше да има четврти бран доколку се вакцинираа 70 отсто од населението.

Во болницата дури и итната помош е претворена во простор за ковид, опкружен со пластична фолија. Во деновите кога бројот на примени е голем, новодојдените пациенти се принудени да лежат на носилки по ходниците додека не им се најде слободен кревет.

Во понеделникот, болничкиот персонал во заштитна опрема брзаше низ одделението за да се грижи за пациентите, од кои многумина лежеа во своите кревети со маски за кислород цврсто притиснати на нивните лица. Една жена седеше на креветот, потпирајќи ја главата на рацете завиткана во традиционален розов шал.

На 2-ри ноември, Романија забележа најголем дневен број на смртни случаи од почетокот на пандемијата, кога беа пријавени 591 смртни случаи од Ковид – повеќе од 90 отсто од умрените не биле вакцинирани.

Во моментов, 1.870 пациенти се на интензивна нега, а речиси 51.000 луѓе починале од коронавирусот од почетокот на пандемијата.

Пред две недели ситуацијата ги принуди властите да воведат построги ограничувања. Потврдите за вакцинација станаа задолжителни за секојдневните активности, како одење во теретана, кино или трговски центар. Властите воведоа полициски час низ целата земја по 22 часот.

Неуспешната кампања за вакцинација стана видлива кога училиштата беа повторно отворени во понеделникот по продолжениот есенски распуст, а повеќе од 30 отсто од часовите се одржуваат онлајн поради ниската стапка на вакцинирани во некои училишта.

Кирстоију обвинува дека ниската стапка на вакцинација е поради општата недоверба и недостатокот на смислено образование и јасни кампањи кои ги објаснуваат придобивките од вакцинацијата. Тој ја опиша моменталната ситуација како „бран на невакцинирани луѓе“.

Иако заострувањето на мерките доведе до благ пад на дневниот број на инфекции и смртни случаи – официјалните лица во вторникот соопштија дека 487 пациенти починале од ковид 19 во претходните 24 часа – лекарите предупредуваат дека бројките се сè уште високи и веројатно нема да се намалат

Др. Марија Сајин, шеф на мртовечницата на универзитетската клиника, рече дека болницата има во просек по 10 смртни случаи дневно во „нормални денови“. Во понеделникот имало 26, од кои 14 пациенти починале како последица на корона. Минатата недела имаа 35 смртни случаи во еден ден, рече таа.

Беспомошен пред зголемениот број на смртни случаи, персоналот на мртовечницата е очаен бидејќи меѓу жртвите има луѓе на возраст од 20 до 25 години. Болниот лелек на роднините повикани да ги идентификуваат телата на нивните најблиски одекнуваа низ ходниците додека вработените во погребната служба ги подготвуваа ковчезите.

Нивните семејства не можат да разберат како толку се разболеле, а голем проблем е што не разбираат дека треба да се вакцинираат, бидејќи нема друг лек за оваа болест, вели Сајин. Ова се многу тешки времиња, никој не разбира дека вакцините спасуваат животи.