Се враќа ли публиката на спортските натпревари?

Утрово на состанок со Комисијата за заразни болести се донесени новите мерки што министерот Венко Филипче ги предложи на Главниот координативен кризен штаб. Истите се донесени врз основа на стабилизацијата на епидемиолошката состојба во државата.

Новите мерки што треба да бидат изгласани од Владата предвидуваат укинување на забраната за работа на фитнес центрите и теретаните, а од особено значење е што за органзирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година дозволено е присуство на 30 % од целосниот капацитет.

Ако мерките бидат усвоени, за Фајнал фор турнирот во Купот на Македонија, што ќе се игра четврток-сабота во Автокоманда, би можеле да видиме и гледачи на трибините. Истото важи и за следното големо дерби кога на 20 мај во Битола треба да гостува Вардар.

Очекуваме да биде променет и протоколот за организирање на натпревари што во моментов предвидува задолжителен ПЦР тест за сите што се дел од натпреварите. Оваа прескапа мерка имајќи предвид дека ковид бранот во ракометот мина минатата есен-зима кога актуелни беа рапид тестовите, а од февруари наваму веќе нема одложувања, ќе биде исто така укината.

Организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно присуство на 30 % од целосниот капацитет – гласи предлогот до владата. Очекуваме и детално толкување, затоа што не е прецизно кажано дали тоа важи за сите настани на отворено/затоврено, особено за спортските. Како и да е на првата наредна седница на владата ќе се реши ова прашање, очекуваме деновива да се знае.