Бугарскиот весник „24 часа“ пренесе дека Данска и Холандија се приклучиле на бугарското вето за започнување на преговори на земјава со Европската унија, меѓутоа денеска веднаш пристигна демант од холандската амбасада во Скопје.
Од холандската амбасада преку соопштение порачаа дека информациите кои се појавија во некои медиуми, според кои Холандија го поддржува ветото на Бугарија за Македонија се „целосно неосновани и лажни вести“.
„На 30-ти октомври 2020-та година, владата на Холандија го информираше холандскиот парламент за донесената одлука дека првата меѓувладина конференција за Македонија може да биде одржана. Овој став останува непроменет. Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Македонија има постигнато напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш откако ќе се усвои преговарачката рамка“, стои во соопштението на холандската амбасада.
Да потсетиме, бугарскиот весник исто така се повика и на статусот на „Фејсбук“ на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој напиша дека Бугарија има поддршка од уште две европски земји во ветото за Македонија.