Заврши средбата меѓу министрите за надворешни работи на Русија и Украина, Сергеј Лавров и Дмитро Кулеба, во Анталија со посредување на Турција.
Министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу одржа трилатерална средба со неговите колеги Лавров и Кулеба.
По средбата на која турската страна вложи напори во прва фаза да се постигне траен прекин на огнот во Украина, првата изјава пристигна од украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Кулеба истакна дека за време на разговорите кои траеја приближно еден и пол час не можеше да се постигнат напредок по прашањето на прекинот на огнот.
Заблагодарувајќи му се на Чавушоглу за неговите напори за оваа закажана средба, укранскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба истакна дека иако денеска не можеше да се постигне решение, тој ќе ги продолжи преговорите од овој вид со цел да се стави крај на војната во неговата земја.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пак, изјави дека ја поддржуваат секоја иницијатива за решавање на проблемите коишто лежат во основата на украинската криза и наведе дека ниту една иницијатива не може да го заземе местото на преговорите.
Лавров истакна дека на средбата разговарале за тоа што би можело да се направи за да се спречи да биде причинета штета врз цивилите во Украина
Тој напомена дека ги повториле предлозите за хуманитарен коридор и разговарале за најефикасните и најбезбедните рути за тоа.
Велејќи дека сакаат да се постигне целосно решение за украинската криза, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека за тоа треба да се надгледуваат интересите на сите страни.
Во врска со воведените санкции против неговата земја, Лавров, рече: „Ќе го решиме проблемот со санкциите на таков начин што никогаш нема да бидеме зависни од западњаците. Ќе преземеме такви мерки што уште еднаш нема да западнеме во слична ситуација.“
Во меѓувреме и министерот за надворешни работи Чавушоглу во објавеното соопштение на својот профил преку социјалните медиуми по состанокот го истакна следното: „Во време кога постои најголема потреба од мир, се сретнавме со моите руски и украински колеги Лавров и Кулеба во трилатерален формат, на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија. Нашата надеж е да се воспостави повторно мирот во нашиот регион.“
Чавушоглу во својата порака нагласи дека ќе ги продолжат и напорите за профункционирање на дипломатијата меѓу Русија и Украина.